свет

Франција регистрира повеќе смртни случаи отколку раѓања во 2025 година првпат по Втората светска војна

Институтот за статистика соопшти дека бројот на раѓања е за околу 6.000 помал од бројот на смртни случаи во текот на годината

Necva Taştan Sevinç  | 14.01.2026 - Обновена : 14.01.2026
 Франција регистрира повеќе смртни случаи отколку раѓања во 2025 година првпат по Втората светска војна

ИСТАНБУЛ (АА) - Франција регистрираше повеќе смртни случаи отколку раѓања во 2025 година првпат од крајот на Втората светска војна, покажува извештајот објавен од Националниот институт за статистика и економски студии (INSEE), пренесува Анадолу.

Институтот соопшти дека бројот на раѓања е за околу 6.000 помал од бројот на смртни случаи во текот на годината.

Во 2025 година се родени околу 645.000 бебиња, што е намалување од 660.000 во 2024 година, а тоа е намалување од 2,1%. Во споредба со 2010 година, кога раѓањата последен пат го достигнаа врвот, бројот на новороденчиња е намален за 24%, соопшти Институтот.

Во 2025 година имало околу 651.000 смртни случаи што претставува зголемување од 1,5% во однос на претходната година. Зголемувањето, главно, е поврзано со тешката зимска епидемија на инфлуенција на почетокот на годината, истакна институтот.

И покрај негативниот природен биланс, населението на Франција продолжува малку да расте, поттикнато од нето-миграцијата, привремено проценета на 176.000 луѓе во 2025 година.

На 1 јануари 2026 година населението на земјата изнесуваше приближно 69,1 милион, од кои 66,8 милиони во Франција и 2,3 милиони во прекуокеанските територии.

Институтот, исто така, објави натамошен пад на вкупната стапка на фертилитет, која падна на 1,56 деца по жена во 2025 година од 1,61 претходната година, едно од најниските нивоа забележани по Првата светска војна.

Очекуваниот животен век при раѓање се искачи на 85,9 години за жените и 80,3 години за мажите, останувајќи над просекот на Европската Унија, според најновите достапни податоци.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.