свет

Европа се подготвува за бурата Горети

Полска се подготвува за температури до минус 30 Целзиусови степени, што го поттикна градоначалникот на Варшава да свика итен состанок на кризниот штаб на главниот град

İlayda Çakırtekin  | 08.01.2026 - Обновена : 08.01.2026
Европа се подготвува за бурата Горети

ИСТАНБУЛ (АА) – Франција и Велика Британија денес се во состојба на готовност откако бурата Горети го погоди атлантскиот брег на Европа, носејќи силни ветрови и високи бранови, додека земји како Полска, Италија и Шведска се подготвуваат за екстремен студ и обилни снежни врнежи, јавува Анадолу.

Додека бурата Горети предизвикува ветрови со јачина на бура и високи бранови во голем дел од Северозападна Франција, „Метео-Франс“ на социјалната мрежа Х соопшти дека департманот Манш во Нормандија е ставен под црвен аларм за ветрови, а неколку други департмани под портокалов аларм поради силен ветер и ризик од крајбрежни поплави.

Префектот на Манш, Марк Шапи, за телевизијата БФМТВ изјави дека училиштата ќе бидат затворени во петок наутро, додека пристапот до паркови, градини и јавниот поморски простор ќе биде забранет.

Опишувајќи ја временската појава како „исклучителна“, тој нагласи дека предупредувачка порака е пратена до сите мобилни телефони и потврди дека во текот на ноќта ќе бидат мобилизирани 800 пожарникари.

Британската метеоролошка служба издаде портокалово предупредување за силен ветер за Корнвол и островите Сили, предупредувајќи дека бурата може да предизвика оштетувања на објекти, нарушувања во сообраќајот со затворања и откажувања, како и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Според италијанската новинска агенција АНСА, Италија очекува и силни западни ветрови, при што регионите Калабрија и Сицилија ќе бидат најпогодени од обилни дождови и снежни врнежи, а делови од земјата се соочуваат и со температури под нулата.

Полска се подготвува за температури до минус 30 Целзиусови степени, што го поттикна градоначалникот на Варшава да свика итен состанок на кризниот штаб на главниот град, објави телевизијата ТВП Ворлд.

И Шведската метеоролошка служба СМХИ издаде црвено и портокалово предупредување низ земјата, поради најавени обилни снежни врнежи и силни ветрови.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.