Учениците во Газа ја следат наставата во шатори во близина на жолтата линија, среде бомбардирања и тенковски оган
Образовниот центар „Ал-Шамал“, кој се наоѓа во бегалскиот камп Џабалија во Беит Лахија, е единствена функционална образовна установа во близина на демаркациската линија во северна Газа
БЕИТ ЛАХИЈА (АА) – Училиште составено од неколку шатори во северниот дел на Појасот Газа продолжува со работа на само 200 метри од т.н. жолта линија, обезбедувајќи образование за стотици ученици и покрај тековните судири и сериозните безбедносни ризици, јавува Анадолу.
Образовниот центар „Ал-Шамал“, кој се наоѓа во бегалскиот камп Џабалија во Беит Лахија, е единствена функционална образовна установа во близина на демаркациската линија во северна Газа.
Раководството на училиштето одбило евакуација, ставајќи го во преден план континуитетот на образованието за палестинските деца во подрачјето погодено од војната.
Меѓу учениците е и 10-годишниот Јамин ал-Зинати, кој бил извлечен жив од урнатините откако неговиот дом бил уништен во израелските напади. Денес тој живее во шатор со својата мајка и секојдневно пешачи до училиштето низ урнатини, придружуван од звуци на експлозии.
„Многу ми е страв додека одам на училиште поради гранатирањето, пукањето и нападите, но мора да учам“, изјави Јамин.
Неговата мајка Мона ал-Зинати вели дека го запишала уште првиот ден кога училиштето почнало со работа на оваа локација. „Не можам да си дозволам да изгуби уште една година. Мора да учи со физичко присуство и редовно да оди на училиште“, рече таа, додавајќи дека нејзиниот син веќе изгубил околу две години образование.
Директорката на училиштето, Јара Абу Глуа, изјави дека во центарот има повеќе од 400 ученици.
„Од аспект на училиштето и нашето уверување како локална заедница, наша цел е да ги образуваме децата. Незнаењето води кон уништување и пропаст, а наша должност е знаење и образование“, истакна таа.
Абу Глуа ги опиша тешките услови во кои се одвива наставата, при што учениците седат на земја на студено време, во импровизирани шатори. „Се слушаат истрели и тенкови. Ова стана дел од нашето секојдневие“, рече таа, додавајќи дека наставниците постојано се во состојба на приправност и се соочуваат со исклучително тешки ситуации за време на интензивното гранатирање.
Палестинските власти тврдат дека израелските сили продолжуваат со напади низ Појасот Газа, прекршувајќи го договорот со Хамас за прекин на огнот што стапи на сила на 10 октомври. Договорот предвидуваше жолта линија по должината на источниот појас на Газа до израелската граница, но Израел, според палестински извори, ја проширил својата контрола надвор од оваа линија под изговор за создавање тампон-зона, опфаќајќи приближно 60 отсто од територијата.
Од почетокот на војната во октомври 2023 година убиени се повеќе од 71.000 Палестинци, а над 171.000 се повредени, при што околу 90 отсто од цивилната инфраструктура е уништена, според палестински податоци.
Израелските напади оштетиле 95 отсто од училиштата во Газа, при што 668 училишни објекти биле директно погодени, речиси 80 отсто од сите училишта, соопштија палестинските власти.
