Lina Altawell
13 Јануари 2026•Ажурирај: 14 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (AA) – Израелските власти денес започнаа практични чекори за спроведување на законот со кој се наредува прекин на снабдувањето со електрична енергија и вода во објектите управувани од Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) во окупираниот Источен Ерусалим, соопштија палестинските власти, пренесува Анадолу.
Во соопштение, губернијата Ерусалим наведе дека израелските власти започнале да праќаат официјални известувања пред спроведувањето на мерките, оценувајќи го потегот како „нова ескалација“ насочена против присуството и институциите на УНРВА во градот.
Израелската електродистрибутивна компанија доставила известувања за исклучување на струјата во објектите на УНРВА што се наоѓаат внатре во таканаречената бариера на раздвојување, а спроведувањето на мерката е најавено по истекот на 15 дена, се наведува во соопштението.
Овие чекори се темелат врз закон усвоен од Кнесетот на 31 декември 2025 година.
Наедно, израелската водоводна компанија „Гихон“ пратила одделни известувања за прекин на водоснабдувањето за објектите што ги користи агенцијата на ОН во окупираниот Источен Ерусалим, соопшти губернијата.
Според првичните процени, со мерките ќе бидат погодени најмалку 10 објекти на УНРВА, меѓу кои училишта, здравствени клиники, центри за обука и административни канцеларии. Меѓу нив е и главната канцеларија на агенцијата во населбата Шеик Џара, се наведува во соопштението.
Во соопштението се додава дека спроведувањето на израелските мерки ќе има сериозни последици врз образовните, здравствените и хуманитарните услуги што им се обезбедуваат на палестинските бегалци во Источен Ерусалим.
Минатиот месец израелскиот Парламент му даде конечна согласност на законот, кој беше усвоен во второ и трето читање со 59 гласа „за“ и седум „против“.
Според УНРВА, околу 48.000 деца посетуваат училишта на агенцијата низ окупираниот Западен Брег.
Израел и претходно преземал слични чекори против УНРВА.
Во 2024 година Кнесетот усвои закон со кој се забрануваат активностите на агенцијата во Израел, повикувајќи се на обвинувања дека некои вработени на УНРВА биле вмешани во настаните од 7 октомври 2023 година, наводи што агенцијата ги отфрли.
Обединетите нации соопштија дека УНРВА се придржува до строги стандарди на неутралност.
УНРВА беше основана од Генералното собрание на ОН пред повеќе од 70 години, со цел да им обезбеди помош на Палестинците кои се присилно раселени од својата земја.