Претседателката на Европската комисија: Силна Европа значи силно НАТО
„Европа мора да стане понезависна, мора да направи повеќе за својата одбрана. Силна Европа значи и силно НАТО“
БЕРЛИН (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес ги потврди плановите на Европа за зголемување на издвојувањата за одбраната, нагласувајќи дека тоа ќе го зајакне и европскиот столб во рамките на НАТО, јавува Анадолу.
„Европа мора да стане понезависна, мора да направи повеќе за својата одбрана. Силна Европа значи и силно НАТО“, изјави таа на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул во Минхен.
Осврнувајќи се на критиките на американскиот претседател Доналд Трамп кон европските сојузници за тоа што не го делат финансискиот товар на НАТО, Фон дер Лајен нагласи дека земјите членки на ЕУ почнаа значително да ги зголемуваат своите инвестиции и издвојувања за одбраната.
„Минатата година направивме повеќе за одбраната во Европа отколку во текот на 10 години претходно“, рече таа. „Ако го погледнете последниот седумгодишен буџет, 8 милијарди евра се издвоени за одбраната. Минатата година мобилизиравме 800 милијарди евра за европската одбрана за да може да ги затвориме празнините што ги имаме.“
Таа додаде дека програмата SAFE ќе биде клучна за поддршка на заедничките проекти во одбранбената индустрија меѓу земјите членки и партнерите на ЕУ.
Подоцна Фон дер Лајен, Руте и Вадефул присуствуваа на „Трансатлантскиот форум“, чиј домаќин беше баварскиот премиер и лидер на Христијанско-социјалната унија (CSU), Маркус Зедер. Лидерите се собраа во југоисточниот германски град за да присуствуваат на годишната Минхенска безбедносна конференција, собир на светски лидери, министри за одбрана и експерти за безбедност.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
