Канада го осуди убиството на новинарите на Ал Џезира во Газа, но не го спомена Израел
„Канада го осудува убиството на новинарите на Ал Џезира во Газа. Новинарите се цивили - нападот врз нив е неприфатлив. Повикуваме на целосна одговорност и за заштита на медиумите насекаде“

ХАМИЛТОН (АА) - Владата на Канада вчера го осуди убиството на новинарите на телевизиската мрежа Ал Џезира во Појасот Газа, но во соопштението избегна да го наведе Израел како одговорен за нападот, јавува Анадолу.
„Канада го осудува убиството на новинарите на Ал Џезира во Газа. Новинарите се цивили - нападот врз нив е неприфатлив. Повикуваме на целосна одговорност и за заштита на медиумите насекаде“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи за X.
Според Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа, новинарите на Ал Џезира, Анас ал-Шариф и Мухамед Краикеа, беа убиени во неделата заедно со тројца камермани и еден хонорарен репортер, во израелскиот воздушен напад извршен врз шатор во кој престојувале новинарите во близина на болницата „Ал-Шифа“ во западна Газа.
Ал Џезира остро го осуди убиството како намерно и однапред смислено, директно обвинувајќи ги израелската армија и Влада за нападот. Нагласи дека нејзините дописници од Газа долго време биле предмет на отворено провоцирање од страна на високи израелски функционери.
Нападот го зголеми бројот на новинари убиени од Израел во Газа од 7 октомври 2023 година на 238, соопшти Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа.
Израел се соочува со зголемена осуда за својата геноцидна војна во Газа, каде што од октомври 2023 година уби речиси 61.500 Палестинци.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.