Betül Yılmaz
13 Август 2025•Ажурирај: 14 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Јордан денес ги осуди коментарите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е приврзан кон визијата за „Голем Израел“, нарекувајќи ја изјавата закана за неговиот суверенитет, известува Анадолу.
Нетанјаху во вторникот за телевизискиот канал i24NEWS изјави дека се чувствува „многу приврзан“ кон визијата за „Голем Израел“. Тој изјави дека се смета себеси дека е на „историска и духовна мисија“ како „генерации Евреи кои сонувале да дојдат тука и генерации Евреи кои ќе дојдат по нас“.
Голем Израел е библиски термин што се користи во израелската политика и се однесува на проширувањето на територијата на Израел во која ќе се вклучат териториите на Западниот Брег, Газа, Голанската Висорамнина во Сирија, Синајскиот Полуостров во Египет и делови од Јордан.
Јорданското Министерство за надворешни работи излезе со соопштение во кое коментарите на Нетанјаху ги нарече „опасна и провокативна ескалација, закана за суверенитетот на државите, кршење на меѓународното право и Повелбата на ООН“.
„Овие заблудувачки тврдења што се рефлектираат во изјавите на израелските претставници нема да влијаат врз Јордан и арапските држави и нема да ги намалат легитимните и неотуѓивите права на палестинскиот народ“, се истакнува во соопштението.
Во соопштението се додава: „Овие тврдења и заблуди усвоени и промовирани од екстремистите на израелската Влада го охрабруваат продолжувањето на циклусите на насилство и конфликт во Газа и на Западниот Брег“, објави јорданското Министерство.
Јордан ја повика меѓународната заедница да преземе итни мерки за да ги запре „провокативните мерки и изјави на Израел што ги загрозуваат стабилноста на регионот и меѓународниот мир и безбедност“.
Израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, при што уби повеќе од 61.700 Палестинци, од кои речиси половина се жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид во Меѓународниот суд на правдата за својата војна против енклавата.