Иран: Најмалку 935 убиени во израелските напади за време на 12-дневниот конфликт
Конфликтот меѓу Израел и Иран ескалираше на 13 јуни кога Израел изврши воздушни напади врз ирански воени, нуклеарни и цивилни цели

ИСТАНБУЛ (АА) – Иранските власти денес соопштија дека најмалку 935 лица се убиени во израелските напади за време на 12-дневниот конфликт меѓу двете земји, јавува Анадолу.
Според портпаролот на судската власт, Ашгар Џахангир, меѓу жртвите се 132 жени и 38 деца. Изјавата е пренесена од полудржавната новинска агенција Тесним.
Претходно Министерството за здравство на Иран информираше дека бројот на убиени изнесувал 606 лица, а 5.332 биле повредени.
Џахангир посочи дека во израелските воздушни напади врз затворот „Евин“, кој се наоѓа во северозападниот дел на Техеран, загинале 79 лица, меѓу кои затвореници, лица од персоналот и жители од блиската околина.
Затворот целосно бил оштетен и надвор од функција, а затворениците биле евакуирани.
Џахангир го нарече нападот „грубо кршење на основните човекови права и меѓународните резолуции“.
Конфликтот меѓу Израел и Иран ескалираше на 13 јуни кога Израел изврши воздушни напади врз ирански воени, нуклеарни и цивилни цели.
САД, како поддршка, ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки во Фордо, Натанз и Исфахан.
Техеран возврати со балистички ракети и беспилотни летала, при што се убиени најмалку 29 луѓе, а над 3.400 беа повредени, според бројките на Еврeјскиот универзитет во Ерусалим.
Конфликтот беше запрен на 24 јуни со прекин на огнот со посредство на САД.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.