свет

Трамп негира контакти со Иран, го критикува нуклеарниот договор од времето на Обама

„Воопшто не разговарам со нив бидејќи целосно им ги уништивме нуклеарните постројки“

Merve Berker  | 30.06.2025 - Обновена : 30.06.2025
Трамп негира контакти со Иран, го критикува нуклеарниот договор од времето на Обама

АНКАРА (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека не понудил ништо на Иран и дека не е лично вклучен во никакви разговори со земјата, јавува Анадолу.

„Кажете му на лажниот демократски сенатор Крис Кунс дека не му нудам ништо на Иран, ниту пак, разговарам со нив“, напиша Трамп на социјалните мрежи, отфрлајќи ги сите наводи за неговите разговори со Техеран.

Тој истовремено го критикуваше нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, познат како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), договор потпишан за време на претседателскиот мандат на Барак Обама, нарекувајќи го „глупав пат до нуклеарно оружје, кој сега веќе и официјално би бил истечен“.

Трамп во 2018 година еднострано ги повлече САД од спогодбата, што отвори пат за сегашната криза со Иран околу збогатувањето на ураниум.

Американскиот претседател, исто така, го повтори своето тврдење дека неодамнешните американски напади ефикасно ги уништиле нуклеарните постројки на Иран, и покрај извештаите на американските разузнавачки служби кои сугерираат дека штетата всушност можеби ја вратила програмата назад само за неколку месеци.

„Воопшто не разговарам со нив бидејќи целосно им ги уништивме нуклеарните постројки“, рече Трамп, алудирајќи на американските напади претходно овој месец врз нуклеарните локации во Фордо, Натанц и Исфахан.

Изјавите на Трамп доаѓаат во период кога на меѓународно ниво повторно се дебатира за иднината на збогатениот ураниум на Иран и можностите за нова дипломатска иницијатива.

Иако дел од американските функционери покажуваат отвореност кон дијалог, изјавите на претседателот Трамп сигнализираат цврста и бескомпромисна позиција по последната ескалација меѓу САД и Иран.

Вчера, Трамп објави и порака: „Постигнете договор во Газа. Вратете ги заложниците!!“ – што беше протолкувано како директна порака до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın