Gizem Nisa Çebi Demir
20 Јуни 2025•Ажурирај: 22 Јуни 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Војната на Израел со Иран ја чини државата околу 200 милиони долари дневно, според првичните процени објавени од „Волстрит џурнал“ што претставува огромен финансиски товар и го зголемува притисок за брзо завршување на конфликтот, јавува Анадолу.
Најголем дел од трошоците доаѓа од пресретнувањето на иранските ракети што, само по себе, може да достигне десетици, па дури и стотици милиони дневно, објави „Волстрит џурнал“.
Секое активирање на противракетните системи, како „Давидова прашка“ и „Стрела 3“, чини помеѓу 700.000 и 4 милиони долари. Тие беа активирани постојано како одговор на над 400 ракети лансирани од Иран последните денови.
Офанзивните операции, исто така, ја зголемуваат цената. Распоредувањето на израелските борбени авиони Ф-35, кои летаат над 1.600 километри за да погодат цели во Иран, чини околу 10.000 долари на час по авион, без да се вклучат трошоците за прецизни бомби, како ЈДАМ и МК84.
Според Институтот за економска политика „Арон“, доколку војната трае еден месец, таа би можела да го чини Израел дури 12 милијарди долари.
„Оваа војна е значително поскапа од онаа со Газа или Хезболах“, изјави економистот Зви Екштајн.
„Муницијата – и одбранбена и офанзивна – е најскап елемент.“
Економскиот притисок води до повици за пократка војна, иако премиерот Бенјамин Нетанјаху не покажа никаква намера да ги запре операциите пред да се постигнат стратегиски цели, како што се уништувањето на нуклеарните и ракетните програми на Иран.
Иако израелските финансиски пазари остануваат стабилни, дури и со мал раст во некои сектори, штетата на терен е сè поголема.
Инженерите проценуваат дека обновата по ракетните напади ќе чини повеќе од 400 милиони долари бидејќи се оштетени стотици објекти, а над 5.000 цивили се евакуирани.
Најголемата нафтена рафинерија во Израел беше привремено затворена по директните напади, а работата во повеќе клучни инфраструктурни сектори е суспендирана.
Поранешната гувернерка на Банката на Израел, Карнит Флуг, за „Волстрит џурнал“ изјави дека траењето на конфликтот е клучно за економската стабилност:
„Ако трае една недела, е едно. Но ако трае две недели или еден месец – тогаш е сосема друга приказна.“