Израел се соочува со внатрешен конфликт околу финансирањето на војната во Газа и конфликтот со Иран
Министерството за одбрана и израелските одбранбени сили се во конфликт со Министерството за финансии околу распределбата на средствата неопходни за набавка на воена опрема и муниција

ИСТАНБУЛ (АА) – Израелската Влада се соочува со сериозен внатрешен судир околу обезбедувањето финансии за тековните воени операции во Појасот Газа и против Иран бидејќи Министерството за одбрана бара дополнителни милијарди шекели за набавка на муницијата и поддршка на продолжената мобилизација на резервните сили, јавува Анадолу.
Според израелскиот весник „Једиот Ахронот“, Министерството за одбрана и израелските одбранбени сили влегле во судир со Министерството за финансии околу распределбата на средствата неопходни за набавка на воена опрема и муниција.
Весникот објави дека Министерството за одбрана побарало дополнителни 60 милијарди шекели за финансирање на војната против Иран и најновата офанзива во Газа – две операции што не биле предвидени во буџетот за 2025 година.
Од Министерството за финансии се спротивставуваат на ова барање, посочувајќи ги растечките трошоци поврзани со мобилизацијата на резервните трупи и вкупното зголемување на буџетот за одбрана.
Високи претставници од одбраната изразиле незадоволство бидејќи, според нив, Министерството за финансии ги задржало средствата што претходно биле одобрени од заедничката одбранбена комисија, што го попречило обезбедувањето неопходна опрема, меѓу другото и пресретнувачи на ракети Стрела и оклопни возила за трупите распоредени во Газа.
„Што може да направите кога на војската ѝ се потребни резервни сили повеќе од првично планираното?“, прашаа израелските претставници, истакнувајќи дека копнената офанзива во Газа не била предвидена во првичниот буџет и потребно е продолжено ангажирање на резервни војници и дополнителни ресурси од Командата на домашниот фронт.
Министерството за финансии, пак, тврди дека зголемената продажба од израелската воена индустрија треба да ги надомести буџетските дефицити. Тие ја критикуваат армијата и за, како што велат, непотребни трошоци – особено во врска со распоредувањето на резервните сили.
Официјалните претставници на одбраната сега го повикуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху да интервенира и да ја реши финансиската безизлезна состојба за да се осигури дека армијата може ефикасно да ги продолжи своите операции.
Конфликтот меѓу Израел и Иран ескалираше на 13 јуни кога Израел изврши воздушни напади врз ирански воени, нуклеарни и цивилни цели, при што беа убиени најмалку 606 лица, а повредени 5.332, според податоците на иранското Министерство за здравство.
САД, како поддршка, бомбардираа ирански нуклеарни постројки во Фордо, Натанз и Исфахан.
Техеран возврати со балистички ракети и беспилотни летала, при што се убиени најмалку 29 луѓе, а над 3.400 беа повредени, според бројките на Еврeјскиот универзитет во Ерусалим.
Конфликтот беше запрен на 24 јуни со примирје со посредување на САД.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија уби повеќе од 56.000 Палестинци во смртоносната офанзива во Појасот Газа од октомври 2023 година.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна против енклавата.