Германија загрижена поради смртоносните израелски напади кај пунктовите за хуманитарна помош во Газа
„Луѓето на кои им е потребна помош не треба да ги ризикуваат своите животи додека добиваат храна“, изјави портпаролот на германската Влада, Стефан Корнелиус

БЕРЛИН (АА) – Германската Влада денес соопшти дека е длабоко загрижена поради континуираните смртоносни напади на израелската армија врз цивили во близина на пунктовите за распределба на хуманитарна помош во Газа, јавува Анадолу.
„Германската Влада е длабоко загрижена поради овие извештаи, кои се добиваат речиси секојдневно, за инциденти на насилство поврзани со дистрибуцијата на храна, вклучително и извештаите од Хуманитарната фондација за Газа“, изјави портпаролот на Владата, Стефан Корнелиус, осврнувајќи се на контроверзната шема за помош поддржана од Израел.
„Овие инциденти секогаш резултираат со смртни случаи и повредени. Германската Влада со голема критичност го следи тоа“, рече Корнелиус, додавајќи дека „луѓето на кои им е потребна помош не треба да ги ризикуваат своите животи додека добиваат храна“ и повика на итно расветлување на инцидентите.
Тој посочи дека Израел дозволува повторно доставување хуманитарна помош, вклучително и преку Обединетите нации, но само во многу ограничен обем.
Според Канцеларијата за човекови права на ОН, од 27 мај досега биле убиени најмалку 503 Палестинци кои чекале хуманитарна помош, а повеќе од 3.000 се ранети во израелски оган во Појасот Газа.
По тој датум Израел и САД воспоставија паралелен систем за дистрибуција на помош, независен од ОН и главните хуманитарни агенции.
Оваа иницијатива критичарите ја нарекуваат „смртоносна замка“ бидејќи израелските сили повеќепати отворија оган врз гладните луѓе кои чекаа да земат храна и вода.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија уби повеќе од 56.000 Палестинци во смртоносната офанзива во Појасот Газа од октомври 2023 година.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна против енклавата.