свет

Израелските напади предизвикаа загуби од 7 милиони долари на палестинското обработливо земјиште за една недела

- Според извештајот, израелските напади биле концентрирани во северниот и централниот дел на Западниот Брег

Betül Yılmaz  | 26.12.2025 - Обновена : 26.12.2025
 Израелските напади предизвикаа загуби од 7 милиони долари на палестинското обработливо земјиште за една недела

РАМАЛА / ИСТАНБУЛ (АА) – Во нападите на израелската армија и илегалните доселеници уништени се над 8.000 маслинови дрвја на окупираниот Западен Брег за една недела, предизвикувајќи загуби од речиси 7 милиони долари, соопшти денес палестинското Министерство за земјоделство, јавува Анадолу.

Во својот неделен извештај Министерството истакна дека палестинското земјиште е сведок на „опасна и забрзана ескалација“ на нападите на израелската армија и илегалните доселеници, директно насочени кон земјоделскиот сектор и изворите на безбедност на храната.

Министерството соопшти дека овие напади, кои се случија во текот на третата недела од декември, биле дел од систематска политика насочена кон „запленување на палестинската земја и нејзино празнење од нејзините автохтони жители“.

Според извештајот, израелските напади биле концентрирани во северниот и централниот дел на Западниот Брег, каде што армијата искорнала 5.000 маслинови дрвја во градот Силат ал-Харитија, западно од Џенин на север, а уште 3.000 маслинови дрвја во Турмус Аја, источно од Рамала во централниот дел на Западниот Брег.

Министерството, исто така, регистрираше спорадични операции со булдожери, вклучително и искоренувањето на 156 маслинови дрвја во Источен Ерусалим, 100 смокви во Тулкарем, 13 маслинови дрвја во источна Калкилија и 19 маслинови дрвја, меѓу кои 10 древни дрвја, во Салфит и Витлеем.

Извештајот, исто така, го документира уништувањето на земјоделската инфраструктура, вклучително и уривањето на 13 бунари и земјоделски простории, оштетувањето на мрежите за наводнување и кражбата на водните пумпи, уништувањето на 82 кошници за пчели и труењето на стада овци во различни области.

На Западниот Брег се забележува зголемено насилство од израелската армија и илегалните доселеници, кое често се совпаѓа со сезоните на жетва и садење, ескалација за која Палестинците велат дека има цел да изврши притисок врз земјоделците да го напуштат своето земјиште.

Според Комисијата против колонизација и отпор против Sидот, илегалните израелски доселеници извршиле 621 напад врз Палестинците и нивниот имот на окупираниот Западен Брег во ноември.

Израелските сили и илегалните доселеници убиле најмалку 1.103 Палестинци на Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, повредиле речиси 11.000 и привеле околу 21.000 од октомври 2023 година, покажуваат палестинските бројки.

Во јули минатата година Меѓународниот суд на правдата ја прогласи израелската окупација на палестинските територии за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.