Турција и Северна Македонија воспоставија соработка во областа на образованието
- Договорот за соработка опфаќа уредувања во областа на јазикот, културата, човечките ресурси, стипендиите, нострификацијата и образовните институции
АНКАРА (АА) - Турција и Северна Македонија потпишаа договор за соработка во областа на образованието, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Министерството за национално образование на Турција, договорот беше потпишан на 18 декември во Анкара од министерот Јусуф Текин, а на 22 декември во Скопје од министерката за образование и наука на Северна Македонија, Весна Јаневска.
Договорот, кој содржи трајни и одржливи уредувања во областа на јазикот, културата, човечките ресурси, стипендиите, нострификацијата и образовните институции, има цел Турција да оствари значајни придобивки преку зајакнување на капацитетот за образовна дипломатија и институционалното присуство на Балканот.
Со договорот ѝ се овозможува на Турција да отвора образовни институции во Северна Македонија, а исто така се создава и правна основа симболичен објект од османлискиот период да биде отворен како „Турско училиште“ во Северна Македонија.
Во оваа образовна институција, со одобрение од надлежните органи, ќе може да се применува турска наставна програма или меѓународни образовни програми. Исто така, во основните и средните училишта во Северна Македонија каде што наставата се изведува на македонски или албански јазик, предметот турски јазик и култура ќе може да се изучува како изборен.
Со договорот се создава можност Северна Македонија, по верификација на дипломите, да ги признава образовните документи добиени преку системот „e-Devlet“ (портал за услуги) во Турција.
Покрај тоа, договорот опфаќа и конкретни чекори за соработка во високото образование, вклучително и одредби со кои се гарантира пристапот на турските студенти до високообразовните институции во Северна Македонија, како и поддршка за доделување стипендии за турски студенти од страна на Северна Македонија во соработка со турското Министерство за образование.
Со уредувањата насочени кон поттикнување на здруженија на дипломци, се овозможува зајакнување на мрежите на дипломци на Балканот. Со овие одредби се цели зголемување на капацитетот на Турција за насочување и следење на студентите во Северна Македонија, како и создавање одржлива мрежа на соработка.
Во рамките на договорот ќе се формира Заедничка работна група преку која ќе се обезбеди уредување, следење и евалуација на активностите во областа на образованието меѓу двете земји.
Со договорот, образовните протоколи од 1994 и 2012 година се ставаат вон сила, а образовните односи меѓу Турција и Северна Македонија се обединуваат во единствена, современа и сеопфатна правна рамка.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
