Балкан

Продолжува судењето за пожарот во Кочани, следува доказна постапка по сослушувањето на воведните зборови на обвинетите

- Во своите досегашни воведни зборови разни обвинети негираа каква било вина и нагласија дека постапиле во согласност со законот и нивните надлежности

Shpetim Hiseni  | 25.12.2025 - Обновена : 25.12.2025
Продолжува судењето за пожарот во Кочани, следува доказна постапка по сослушувањето на воведните зборови на обвинетите

СКОПЈЕ (АА) – Денес во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за трагедијата со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани во март годинава, каде што 63 лица ги загубија животите, а над 200 беа повредени, јавува Анадолу.

На седницата беа дадени воведни зборови на одбраната на Александар Нацев, кого Обвинителството го смета за неформален, односно реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, одговорна за безбедноста на објектот во кој се случи пожарот, како и на правните лица „ММММ КАФЕ“ и „Рубикон Секјурити Солушнс“.

Со ова се завршуваат воведните зборови на одбраната и се очекува почетокот на доказната постапка со сослушување на оштетените сведоци предложени од Обвинителството.

Обвинителот Борче Јанев нагласи дека процесот има цел да ја разјасни личната и институционалната одговорност за трагичниот настан.

Претходно, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“.

Во своите досегашни воведни зборови разни обвинети – вклучително сопственици, управители, претставници за безбедност, поранешни општински службеници и поранешни министри – негираа каква било вина и нагласија дека постапиле во согласност со законот и нивните надлежности.

Обвинителството, сепак, нагласува дека одговорноста не е поврзана само со пожарот туку и со неактивноста и недостигот на контрола што му овозможиле на објектот да работи без потребните безбедносни услови, подвлекувајќи дека трагедијата е последица и на долгогодишните институционални пропусти.

Инаку, во раните утрински часови на 16 март, во градот Кочани, избувна пожар во ноќниот клуб „Пулс“ како резултат на пиротехнички средства за време на забавна вечер, каде што 63 лица ги загубија животите, а околу 200 беа повредени.

Првичните истраги покажаа дека објектот дејствувал со лажна лиценца и работел со години без да ги исполнува потребните стандарди.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın