„Би-би-си“ ја поддржа одлуката Израел да учествува на Евровизија 2026 и покрај бојкотите
Националните радиодифузери на Ирска, Шпанија, Холандија и Словенија соопштија дека нема да учествуваат на натпреварувањето наредната година
ЛОНДОН (AA) – Британската радиодифузна корпорација (BBC) ја поддржа одлуката на Европската радиодифузна унија (EBU) да го дозволи учеството на Израел на Евровизија 2026, иако четири европски јавни сервиси најавија дека ќе го бојкотираат натпреварот, јавува Анадолу.
Националните радиодифузери на Ирска, Шпанија, Холандија и Словенија соопштија дека нема да учествуваат на натпреварувањето во 2026 година, по одлуката на ЕБУ да ја отвори вратата за израелскиот јавен сервис КАН да се приклучи на натпреварот.
Сепак, „Би-би-си“ соопшти дека ја поддржува одлуката да му се дозволи на Израел да учествува на натпреварот.
„Го поддржуваме заедничкото решение донесено од членовите на ЕБУ. Ова е прашање на почитување на правилата и инклузивност“, рече портпаролот на „Би-би-си“.
Одлуката предизвика остри реакции кај дел од британските пратеници. Независниот пратеник Аднан Хусеин, цитирајќи го соопштението на „Би-би-си“, напиша: „Бојкотирајте ја Евровизија поради промовирање на геноцид.“
Британската пратеничка Зара Султана исто така реагираше, велејќи дека „не може да има ‘бизнис како и обично’ со Израел, држава со геноциден апартхејд“.
„Обединетото Кралство треба да го следи примерот на Ирска, Шпанија, Холандија и Словенија и да ја бојкотира Евровизија“, додаде таа.
За време на Генералното собрание на ЕБУ во Женева, мнозинството членки гласаа во корист на учеството на израелскиот јавен сервис во натпреварот што следната година ќе се одржи во Виена, Австрија.
По гласањето, шпанската национална телевизија РТВЕ соопшти дека нема да учествува, ниту да го емитува натпреварот во 2026 година, обвинувајќи дека Израел ја користи Евровизија за „политички цели“ и дека има политичко мешање.
Холандскиот јавен сервис АВРОТРОС исто така ја потврди својата одлука за повлекување, наведувајќи дека учеството на Израел, заедно со хуманитарната состојба во Газа и ограничувањето на слободата на медиумите, е спротивно на основните вредности на организацијата.
Ирскиот јавен сервис РТЕ соопшти дека нема да учествува, ниту да го емитува натпреварот, наведувајќи ги хуманитарната криза во Газа и нападите врз новинари како причини што се косат со неговите професионални принципи.
Според претседателката на Управниот одбор, Наталија Горшчак, и РТВ Словенија нема да учествува.
„Нашата порака е: нема да учествуваме на Евровизија ако Израел е таму — во име на 20.000 деца кои се убиени во Газа“, изјави таа.
