Балкан

Градоначалниците од Српската листа на четирите општини со српско мнозинство во северно Косово положија заклетва

Со положувањето заклетва на новите градоначалници, најголемата српска партија во Косово, Српската листа, официјално се врати на чело на овие општини

Agim Sulaj  | 05.12.2025 - Обновена : 05.12.2025
Градоначалниците од Српската листа на четирите општини со српско мнозинство во северно Косово положија заклетва

ПРИШТИНА (АА) – Избраните градоначалници од Српската листа на четирите општини со српско мнозинство во северно Косово денес ја презедоа функцијата , јавува Анадолу.

Со положувањето заклетва на новите градоначалници, најголемата српска партија во Косово, Српската листа, официјално се врати на чело на овие општини.

Со Северна Митровица ќе раководи Милан Радјовиќ, со Зубин Поток Милош Перовиќ, со Звечан Драгиша Миловиќ, а на градоначалничкото место во Лепосавиќ е Зоран Тодиќ.

Пред да започнат инаугурациите, во салите на четирите општински собранија беа видени косовски знамиња и фотографија од претседателката Вјоса Османи.

Милош Перовиќ, за време на положувањето заклетва како нов градоначалник на Општина Зубин Поток, рече дека ќе ги извршува своите должности чесно и верно за да обезбеди подобри услови за општината.

Градоначалникот на Звечан, Драгиша Миловиќ, за време на положувањето заклетва изјави дека претстојат предизвици, но додаде дека мирот и безбедноста мора да се одржат во општината.

„Да го одржиме барем мирот и безбедноста во општината. Секое семејство што живее во Звечан треба да се чувствува безбедно“, рече Миловиќ, додавајќи дека ќе соработува со сите институции во Приштина, како и со КФОР, ЕУЛЕКС, ОБСЕ и медиумите.

Косовските власти претходно изјавија дека доколку не се почитуваат симболите и правилата на заклетвата на српските градоначалници, ќе ги прогласат за неважечки во текот на денот.

Овие општини досега беа под раководство на градоначалници Албанци, по оставката на поранешните претставници на Српската листа во ноември 2022 година.

Ерден Атиќ во Северна Митровица, Измир Зеќири во Зубин Поток, Илир Пеци во Звечан и Лулзим Хетеми во Лепосавиќ беа избрани за градоначалници на вонредните избори во 2023 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.