Јапонска стартап компанија се бори против стареењето на населението со вработување на постари жени
Иницијативата, што ја спроведува компанијата „Укиха но Такара“ од префектурата Фукуока, ги користи животните вештини на постарите лица во готвење, угостителство и мода...
ИСТАНБУЛ (АА) – Јапонска стартап компанија ја трансформира локалната економија вработувајќи постари жени, меѓу кои и лица со деменција, во кафулиња, штандови со храна и фестивали во заедницата, објави денес токиската новинска агенција „Кјодо њуз“, пренесува Анадолу.
Иницијативата, што ја спроведува компанијата „Укиха но Такара“ од префектурата Фукуока, ги користи животните вештини на постарите лица во готвење, угостителство и мода, нудејќи им платена работа наместо волонтерски ангажман.
„Кога постарите лица заработуваат и ги трошат своите приходи локално, тоа помага во создавање живи и одржливи заедници“, изјави извршниот директор на компанијата, Мицуру Окума.
Секој четврток, жени во своите 80-ти и 90-ти години се собираат во „Чајџилницата на бабите“, каде што подготвуваат и послужуваат оброци, користејќи го своето долгогодишно искуство.
Масако Танигучи (85), која ја води кујната, вели дека комуникацијата со гостите е најубавиот дел од нејзината недела.
„Кога ќе слушнам дека луѓето велат: ‘Вкусно е’, тогаш знам дека вреди“, истакна таа.
Во моментов, околу 50 постари лица работат со компанијата како договорни соработници, при што годишно остваруваат приходи од над 20 милиони јени (130.500 долари).
Иницијативата доаѓа во период кога Јапонија се соочува со сериозни демографски предизвици. Речиси 30 отсто од населението е постаро од 60 години, додека стапката на наталитет во 2024 година изнесувала само 1,26 деца по жена.
Според податоците на јапонската Влада од август минатата година, населението на земјата се намалило за околу 908.000 лица и достигнало 120,65 милиони, што претставува 16-та последователна година на пад.
