свет

Француски „Л’Опинион“ за протоколот во Анкара: Турција жртва на кавгата помеѓу Мишел и Фон дер Лејен

Во текстот се напоменува дека претседателот на Европскиот совет е на ниво на шеф на држава, а претседателот на Европската комисија на ниво на премиер и дека тимовите на Мишел и Фон дер Лејен секогаш се спротивставени во Брисел

Yusuf Özcan  | 10.04.2021 - Обновена : 10.04.2021
Француски „Л’Опинион“ за протоколот во Анкара: Турција жртва на кавгата помеѓу Мишел и Фон дер Лејен

ПАРИЗ (АА) - Францускиот весник „Л’Опинион“ објави текст за случајот со протоколот на состанокот од челниците на Европската Унија (ЕУ) со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара на 6 април, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во текстот се наведува дека Турција всушност била жртва на кавгата помеѓу претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Во текстот исто така се споменува и дека распоредот на седењето и протоколот во текот на состанокот на Мишел и Фон дер Лејен со Ердоган биле цел на критики на некои медиуми и политички кругови кои се „непријателски расположени кон Анкара“.

„Реалноста е сепак сосема поинаква. Турците, кои веќе неколку месеци се обидуваат да покажат дека се зближиле со Европската Унија, беа жртва на кавгите меѓу претставниците на Брисел“, наведува Л'Опинион.

Во текстот се напоменува дека претседателот на Европскиот совет е на ниво на шеф на држава, а претседателот на Европската комисија на ниво на премиер и дека тимовите на Мишел и Фон дер Лејен секогаш се спротивставени во Брисел.

„Протоколарниот инцидент на состанокот со Реџеп Таип Ердоган го покажува ривалството меѓу претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет. Овде, Турците беа повеќе гледачи отколку актери.“

Уште се нагласува дека Мишел и Фон дер Лејен не се на иста политичка линија и дека несогласувањето меѓу нив е сè поизразено.

Во текстот се наведува дека се очекувало Мишел на состанокот во Анкара од љубезност или дипломатски да ја почека Фон дер Лејен, но дека веднаш без многу размислување удобно се сместил на столчето.

Како што се истакнува во текстот, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјавил дека Турција ги исполнила сите протоколарни барања и услови упатени од страна на ЕУ. Односно, таквиот распоред за седење е уреден во согласност со предлозите на ЕУ, што Брисел не го демантирал.

Во текстот на весникот „Л’Опинион“ се наведува и изјавата на Арно Данжан, пратеник во Европскиот парламент од француската Партија на републиканците (LR), во која се вели дека помеѓу Мишел и Фон дер Лејен постојат бројни недоразбирања и несогласувања.

„Односот меѓу нив уште од првиот ден е полн со омраза. Сцената во Турција е најочигледна, но и други сцени меѓу нив и нивните тимови се случуваат скоро секој ден“, рече Данжан.

Во некои кругови имаше критики за распоредот за седење на состанокот на кој Ердоган и Мишел седеа на столици, додека Фон дер Лејен на почетокот остана да стои. Потоа ѝ беше понудено место на софата до Мишел, а Чавушоглу исто така седна на друга софа наспроти претседателката на Европската комисија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.