Францускиот министер Ле Мари: „Влијанието на штрајковите на француската економија ќе биде ограничено“
Во Франција веќе 41. ден се одржуваат штрајкови поради најавените реформи во пензискиот систем за кои Ле Мари изјави дека ќе донесе доста поправеден и поуреден систем

ПАРИЗ (АА) - Францускиот министер за економија, Бруно Ле Мари, изјави дека влијанието на штрајковите во таа земја врз националната економија ќе биде ограничено, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Франција веќе 41. ден се одржуваат штрајкови поради најавените реформи во пензискиот систем за кои Ле Мари изјави дека ќе донесе доста поправеден и поуреден систем.
Францускиот министер за економија во изјава за телевизиската мрежа „Си њуз“ (CNews) ги критикуваше сите оние кои се противат на планираните реформи, додавајќи дека синдикатите би требало да постигнат договор со Владата за прашањето во врска со пензискиот систем.
Тој истакна дека економијата на неговата земја е силна и доволно способна да ја преброди оваа криза со која се соочува земјата.
Француските медиуми претходно пишаа дека Француската национална железница (SNCF) поради штрајкот дневно губи околу 20 милиони евра, а досега претрпела штета од околу 820 милиони евра.
Според последните анкети, околу 75 отсто од Французите се противат на реформите во пензискиот систем или бараат на таа реформа да се направат измени.
Штрајкот сериозно го наруши редот на возењето во железничкиот, автобускиот, поморскиот и авиопревозот, бидејќи компаниите вршат услуги со редуцирани капацитети.
Најавениот владин план за реформи на пензискиот систем во Франција беше повод за протестите и штрајковите кои траат од 5 декември минатата година.
Администрацијата на францускиот претседател Емануел Макрон со новиот план заговара висината на пензијата да се пресметува врз основа на износот на платата која работникот ја имал во текот на целата кариера, а не врз основа на платите од последните пет години работна кариера. Синдикатите тврдат дека тоа ќе резултира со значително помали пензии за идните пензионери.
Планот на Макрон предвидува и измени во критериумот за сложеност на различни занимања, што на крајот ќе ги одземе правата за предвремено пензионирање на работниците од повеќе сектори, вклучително и од јавната служба.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.