Украина соопшти дека четири лица загинале, а 15 се повредени во руски воздушни напади врз Харков и Одеса
Во нападите се оштетени станбени згради, како и автомобили, апартмани и детска градинка...
ИСТАНБУЛ (АА) - Украина денес соопшти дека најмалку четири лица се убиени, а 15 се повредени во руските воздушни напади извршени во текот на ноќта врз североисточниот град Харков и југозападниот регион Одеса, јавува Анадолу.
„Според прелиминарните податоци, три лица се загинати и 13 се повредени, меѓу кои четири деца“, се наведува во соопштението на Државната служба за вонредни состојби на Украина (ДСНС) на Телеграм, во кое се истакнува дека ракетните напади биле насочени кон станбена област во градот Балаклија, кој се наоѓа околу 70 километри југоисточно од Харков, втор по големина град во земјата.
Во соопштението се вели дека во нападот се оштетени станбени згради, како и автомобили, апартмани и детска градинка, а се додава дека брзо биле изгаснати сите пожари што избувнале во нападот.
Гувернерот на Харков, Олех Синјехубов, изјави дека единиците од Државната служба за вонредни ситуации продолжуваат да работат на местото на нападот.
Во меѓувреме, Виталиј Карабанов, началник на градската воена администрација на Балаклија, тврди дека градот бил погоден со две ракети.
Подоцна ДСНС извести за напад со беспилотно летало насочен кон селото Велики Бурлук, исто така, во регионот на Харков, во кој, како што соопшти, загинало едно лице и едно било повредено.
Одделно, ДСНС објави дека југозападниот регион Одеса во земјата, исто така, бил цел на напади со беспилотни летала во текот на ноќта, за кои се вели дека предизвикале пожари во енергетските и пристанишните инфраструктурни објекти.
„Според прелиминарните информации, едно лице е повредено“, се вели понатаму.
Украинскиот приватен енергетски снабдувач ДТЕК соопшти дека неговите енергетски постројки биле нападнати во Одеса во текот на ноќта, поради што 32.500 корисници привремено останале без електрична енергија.
„Нашите работници ќе започнат со поправките веднаш по добивањето дозвола од војската и спасувачите. Штетата е значителна. Поправките ќе потраат“, се наведува во соопштението.
Воздухопловните сили на Украина подоцна тврдеа дека нивната воздушна одбрана соборила 91 од 128 различни видови дронови лансирани од Русија. Тие тврдеа дека преку ноќ биле лансирани и две балистички ракети „Искендер-М“.
Руските власти не го коментираа нападот.
Последните недели Москва и Киев често разменуваат обвинувања за меѓусебно таргетирање на енергетските постројки како што се приближува зимата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
