САД планираат да извршат притисок врз израелски министер за ставање крај на војната во Газа
Патувањето на министерот Дермер наводно било планирано како подготовка за посетата на Нетанјаху на Вашингтон, што се очекува да се одржи во следните две недели...

ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (АА) – Израелскиот министер за стратешки прашања, Рон Дермер, кој денес престојува во Вашингтон, се очекува да се соочи со притисок од страна на американската страна за постигнување договор за прекин на огнот и размена на заробеници во Појасот Газа, јавуваат израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Весникот „Тајмс оф Израел“ цитира извори според кои главна пречка во преговорите е барањето на палестинската група Хамас за траен прекин на војната, наспроти настојувањата на Израел за постигнување само привремен прекин на огнот што ќе му овозможи повторно продолжување на борбите.
Хамас, исто така, бара враќање на старите механизми за дистрибуција на хуманитарната помош или воспоставување нов систем наместо сегашниот, управуван од Фондацијата за хуманитарна помош за Газа (GHF), што е поддржано од арапските посредници.
Израел, кој заедно со САД ја поддржуваат ГХФ, тврди дека овој систем е клучен за спречување на Хамас да го пренасочува хуманитарниот товар. Меѓутоа, „Тајмс оф Израел“ известува дека истиот систем ги принудува жителите на Газа да пешачат на долги растојанија за да земат храна, преминувајќи ги израелските воени линии и ризикувајќи го животот под секојдневниот оган.
Според израелскиот весник „Хаарец“, кој се повикува на високи претставници од Белата куќа, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе побара од Дермер да се постигне договор за „прекин на нападите врз Газа и враќање на преостанатите заробеници“.
Исто така, беше објавено дека американските претставници ќе му кажат на Дермер дека инсистирањето на Израел за „елиминирање на Хамас“ ќе биде оставено за во иднина.
Весникот „Једиот ахронот“ забележува дека последната изјава на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во која приоритет му дава на спасувањето на израелските заложници наместо на уништување на Хамас, укажува на промена во приоритетите на израелската Влада.
Телевизискиот „Канал 12“, повикувајќи се на израелски извори, известува дека Армијата побарала од Владата да донесе одлука за следните чекори во конфликтот – дали да ја заврши контролата над Газа или да се постигне договор за размена на заробеници. Во извештајот се тврди дека Армијата го преферира второто.
Во извештајот се нагласува дека патувањето на Дермер било планирано и како подготовка за посетата на Нетанјаху на Вашингтон, што се очекува да се одржи во следните две недели, и се вели дека САД сакаат да се постигне договор пред патувањето на Нетанјаху.
Исто така, „Канал 13“ објави дека израелската Армија го информирала државниот врв дека по речиси 19 месеци копнени напади нема повеќе значајни цели во Газа кои можат да бидат погодени без да се загрозат животите на преостанатите израелски заложници.
Претседателот Трамп, кој на 23 јуни објави прекин на огнот помеѓу Израел и Иран по 12 дена борби, порача: „Постигнете договор во Газа, вратете ги (израелските) заложници“, што беше протолкувано како порака до Нетанјаху.