САД: Најмалку 4 лица се убиени во пукотница пред ноќен клуб во Чикаго
Три лица од возилото отвориле оган врз толпа луѓе што стоеле пред клубот

ИСТАНБУЛ (АА) - Во пукотница од автомобил пред ноќен клуб во подрачјето на Ривер Норт во Чикаго убиени се четири лица, а 14 други се повредени, јавува Анадолу.
Според полицијата во американската среднозападна метропола, инцидентот се случил околу 23 часот по локално време кога темен теренец поминал покрај клубот „Артис лаунџ“, кој се наоѓа на авенијата „Вест Чикаго“.
Три лица од возилото отвориле оган врз толпа луѓе што стоеле надвор, објави „Си-би-си њуз“.
Гостите го напуштале клубот откако присуствувале на забава по повод објавувањето на албумот на раперката Мело Бакс.
Полицијата потврди дека меѓу четирите жртви се двајца мажи, на возраст од 24 и 25 години, и две жени, иако нивните идентитети не се откриени.
Повредените, на возраст од 21 до 32 години, се згрижени во локалните болници, а најмалку четворица се во критична состојба.
„Молитви за сите мои сестри, Боже, те молам прегрни ги сите“, рече Мелани Дојл, која е позната под сценското име Бакс, во соопштението.
„Се чувствувам како целиот товар да е на мене... сè што можам да направам е да разговарам со Бога и да се молам“, додаде таа.
Полицијата, според извештаите, не извршила апсења, додека продолжува потрагата по тројцата напаѓачи.
Истиот блок беше место на уште едно масовно пукање во ноември 2022 година, кога ноќниот клуб беше познат како „Хаш лаунџ“.
Во тој инцидент, едно лице беше убиено, а тројца други беа повредени откако група која беше исфрлена од местото на настанот почнала со физичка пресметка.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.