Русија ќе разговара за територијални прашања со Украина на преговорите во Женева
-„Овојпат е предвидено да се разговара за поширок спектар прашања, вклучувајќи ги, всушност, и главните теми што се однесуваат и на териториите и на сè останато. Тие се поврзани со нашите барања. Тука ни е потребно присуството на главниот преговарач“
МОСКВА (АА) - Женевските преговори за Украина се очекува да опфатат поширок спектар теми во споредба со преговорите во Абу Даби, вклучувајќи и клучни територијални прашања, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Анадолу.
Разгледувањето на овие прашања бара присуство на шефот на руската делегација, кој отсуствуваше од преговорите во Обединетите Арапски Емирати, изјави порпаролот на брифинг со новинарите.
„Овојпат е предвидено да се разговара за поширок спектар прашања, вклучувајќи ги, всушност, и главните теми што се однесуваат и на териториите и на сè останато. Тие се поврзани со нашите барања. Тука ни е потребно присуството на главниот преговарач, односно Владимир Медински“, изјави тој.
„Руската делегација за претстојните преговори во Женева ќе биде во поброен состав. Покрај Медински, заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин и началникот на Главната разузнавачка служба на Генералштабот, Игор Костјуков, ќе се приклучат на тимот”, изјави тој.
На прашањето зошто Медински не учествуваше во минатите преговори одржани во Абу Дабу, Песков изјави дека „фокусот таму беше конкретно кон безбедносните прашања”.
Тој додаде дека Медински и понатаму ја предводи руската преговарачка делегација за Украина.
Претставникот на рускиот претседател, Кирил Дмитриев, исто така, ќе учествува во преговорите во Женева. Според Песков, тој ќе работи одделно во рамки на групата за економска соработка со Соединетите Американски Држави.
Првиот круг безбедносни консултации, во трилатерален формат, помеѓу Русија, Украина и САД, беа одржани во Абу Даби, на 23 и 24 јануари.
Вториот круг преговори следуваа на истата локација на 4 и 5 февруари.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
