Швајцарија го прекина извозот на оружје за САД поради нападите врз Иран, повикувајќи се на својата неутралност
Федералниот совет наведе дека извозот на оружје во земји кои се вклучени во меѓународен вооружен конфликт со Иран не може да биде одобрен додека траат нападите
БРИСЕЛ (АА) – Швајцарија денес објави дека ќе го стопира извозот на воени материјали за Соединетите Американски Држави (САД), поради тековниот конфликт во кој е вклучен Иран, реафирмирајќи го својот долгогодишен принцип на неутралност, пренесува Анадолу.
Преку соопштение, Федералниот совет наведе дека извозот на оружје во земји кои се вклучени во меѓународен вооружен конфликт со Иран не може да биде одобрен додека траат непријателствата.
Важечките лиценци како и извозот на други добра, внимателно ќе се следи преку меѓусекторски групи на експерти.
Извозот на воени материјали кон САД, во моментов не може да биде одобрен. Бидејќи САД се вклучени во меѓународен вооружен конфликт, исполнети се основите за исклучување според член 22а став 2 точка А, од Законот за воени материјали“, се вели во соопштението.
Се додава дека не се издадени нови дозволи за извоз на оружје во САД по ескалирањето на конфликтот на 28 февруари.
Во соопштението, исто така, се истакнува дека Израел и Иран со години немаат добиено дефинитивни дозволи за извоз на оружје, додека постојните дозволи кои не се релевантни за конфликтот може да продолжат.
Група експерти ќе ги ревидира стоките со двојна намена, извозот поврзан со војската според Законот за контрола на стоки, како и елементите засегнати од санкциите против Иран, за да осигура усогласеност со правилата за неутралност.“
Швајцарија, позната по својата политика на строга неутралност, зазеде претпазлив и рестриктивен пристап во однос на воениот извоз за сите држави вклучени во конфликтот.
Непријателствата во регионот ескалираа откако Израел и САД започнаа заеднички напади врз Иран на 28 февруари, во кој досега се убиени над 1,300 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер, ајатолајот Али Хаменеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив, каде што се стационирани американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата, истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.
