Протести во Сомалија против израелското признавање на регионот Сомалиленд
Демонстрациите започнаа со интонирање на сомалиската национална химна. Осудувајќи го потегот на Израел, учесниците ја нагласија сувереноста и територијалниот интегритет на Сомалија
МОГАДИШУ (AA) – Стотици граѓани синоќа се собраа во главниот град на Сомалија, Могадишу, за да протестираат против одлуката на Израел да го признае Сомалиленд – регион во северна Сомалија кој прогласи независност во 1991 година, јавува Анадолу.
Демонстрациите започнаа со интонирање на сомалиската национална химна. Осудувајќи го потегот на Израел, учесниците ја нагласија сувереноста и територијалниот интегритет на Сомалија, извикувајќи пароли како „Сомалија е неделива“ и „Сомалиленд е Сомалија“.
За одржување на јавниот ред и безбедност беа распоредени засилени полициски сили.
Мухамед Абор, еден од демонстрантите, за Анадолу изјави дека Сомалија никогаш не се откажала од својата територија и дека тоа нема да го стори ниту сега.
Истакнувајќи дека не постои сомалиска земја што може да му се отстапи на Израел или на која било друга држава, тој порача: „Сомалија е една и ќе остане една“, додавајќи дека Сомалијците се подготвени да ја поднесат секоја жртва за својата земја.
Друг учесник на протестите, Абди Исмаил, изјави дека одлуката на Израел е неприфатлива за сомалискиот народ.
Нарекувајќи ја одлуката „јасен напад врз суверенитетот на Сомалија“, Абди нагласи дека Сомалиленд е нераскинлив дел од државата.
„Ниту една земја нема право еднострано да го признае“, рече тој.
Абди додаде дека меѓународната заедница не треба да молчи пред одлуката.
Израел стана првата земја членка на Обединетите нации што формално го призна Сомалиленд како независна и суверена држава, што предизвика осуди од Турција – близок сојузник на Сомалија – како и од бројни земји во Африка и на Блискиот Исток.
Сомалиленд, кој од прогласувањето независност од Сомалија во 1991 година нема меѓународно признавање, функционира како де факто независна административна, политичка и безбедносна целина. Во меѓувреме, централната власт во Могадишу се соочува со тешкотии во воспоставувањето контрола врз регионот, додека раководството на Сомалиленд не успеа да обезбеди меѓународно признавање на независноста.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
