Dzihat Aliju
29 Декември 2025•Ажурирај: 30 Декември 2025
СКОПЈЕ (AA) - Со емотивни сведочења на родителите на жртвите продолжи судскиот процес во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, јавува Анадолу.
На почетокот на процесот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев рече дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, потенцирајќи дека се бара правда.
Родителите на загинатите деца побараа признавање на вината и правда за трагедијата, нагласувајќи дека нивните деца не починале од природна смрт, туку дека биле жртви на сериозни пропусти.
Судењето за трагедијата во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени ќе продолжи на 14 јануари.
На претходното рочиште беше започната доказната постапка со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата.
Во раните утрински часови на 16 март, во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани избувна пожар како резултат на пиротехнички средства за време на вечерната забава, при што починаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Првичните истраги по инцидентот открија дека предметниот објект работел со лажна лиценца и со години функционирал без да ги исполнува потребните стандарди.
На обвинителната клупа се 37 лица: управители, сопственици, поранешни градоначалници, инспектори, персонал на обезбедувањето и државни службеници.