Ömer Aydın
06 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
ПАРИЗ (АА) - Во Парискиот кварт Форж ле бен, во раните утрински часови избувна пожар во зградата во која требаше да бидат згрижени мигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Француското радио „Европа 1“ јавува дека пожарот во новата зграда за згрижување на 90 мигранти избувнал рано утринава, во 2.30 часот.
Зградата, вклучувајќи го и нејзиниот покрив, во голема мера е уништена, а со оглед на тоа што вселувањето на мигрантите сѐ уште беше во подготовки, во пожарот немаше жртви.
Неколку часа пред да избувне пожарот, пред Градското собрание во Форж ле бен се одржа протестен собир, на кој дојдоа стотици противници на изградбата на објектот за заштита на мигрантите.
Локални извори објавија дека двата настана се поврзани и дека голема е веројатноста пожарот да бил подметнат. Официјални лица изјавија дека истрагата за причините за пожарот е во тек.
Паралелно со ова, рано утринава, под силни безбедносни мерки беа евакуирани мигранти од мигрантскиот камп во североисточниот дел на Париз.
Близу 900 мигранти биле евакуирани со автобус, а станува збор за кампот во 19 област на Париз, каде што мигрантите престојуваа во екстремно лоши услови.
Надлежните органи досега немаат соопштено каде се однесени евакуираните мигранти. Во Париз, во последната година се испразнети и отстранети повеќе од 20 импровизирани центри за мигранти.