Ali Cura
06 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
КИЕВ (АА) – Денес, во Киев, украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека прашањето со Крим е завршено во 1954 и во 1991 година, и дека Крим отсекогаш припаѓал и секогаш ќе ѝ припаѓа на Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
Порошенко во своето годишно обраќање по повод одбележувањето на почетокот на работата на украинскиот Парламент се осврна на ситуацијата на источниот дел од земјата, како и на прашањето во врска со Крим.
Тој истакна дека во регионот Донбас се наоѓаат 38.500 руски и сепаратистички војници, како и повеќе од 600 тенка, 1.250 оклопни возила, 750 самоодни топови и околу 300 фрлачи на ракети со повеќе цевки.
Во тој контекст, Порошенко нагласи дека е потребно да продолжи спроведувањето на санкциите против Русија.
„Она што е важно е јакнењето на меѓународната поддршка кон Украина. Исто така, важно е да се оневозможи укинувањето на санкциите против Русија сѐ додека во потполност не биде воспоставен територијалниот интегритет на Украина“, рече Порошенко.
Тој нагласи дека неговата земја ќе продолжи со борбата за својот територијален интегритет и се осврна и на изјавата на рускиот претседател, Владимир Путин, кој минатата недела изјави дека „прашањето со Крим е завршено“.
„Според изјавите на Путин, изгледа дека прашањето со Крим е затворено. Тоа е глупост. Ова прашање е всушност затворено во 1954 и во 1991 година. Крим припаѓаше на Украина, ѝ припаѓа сега и ќе ѝ припаѓа во иднина. Тоа е крај на приказната“, изјави Порошенко.