Ekipa
01 Август 2016•Ажурирај: 01 Август 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Републиканскиот кандидат за Белата куќа, Доналд Трамп, сугерираше дека САД треба да ја прифати руската анексија на Крим доколку тоа би значело подобри односи со Москва и посилна соработка во борбата против терористичката организација ДАЕШ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ваквиот став е во спротивност со политката на администрацијата на Обама, која на Русија ѝ воведе санкции поради анектирање на украинската територија пред две години. Обединетите нации исто така не сакаат државите да го признаат Крим како дел од Русија, а некои од истакнатите републиканци остро се противеа на анексијата, нарекувајќи ја „руска агресија”.
Во интервју за Еј-би-си, Трамп изјави дека жителите на Крим би сакале да бидат дел од Русија.
Зборувајќи за односите меѓу САД и Русија, Трамп ги отфрли наводите дека има каква било врска со Путин, истакнувајќи дека никогаш ниту го сретнал рускиот претседател ниту со него разговарал преку телефон.
„Тој за мене зборуваше некои убави работи изминатите години. Се сеќавам дека пред неколку години кажал нешто убаво за мене. И јас зборував убаво за него. Тоа беше многу одамна”, изјави Трамп.
Како што рече тој, кога САД би се сложувал со Русија и кога Русија би помогнала во борбата против ДАЕШ, тоа би била одлична работа.
„Ќе имаме подобри односи со Русија. А да се имаат добри односи со Русија е добра, а не лоша работа”, порача Трамп.