Претседателот на Сенегал: „Турција ги заснова врските со Африка на заемно почитување“
„Денес постои многу ефикасно партнерство меѓу Турција и Африка изградено врз еднакви основи и меѓусебна корист“

ИСТАНБУЛ (АА) - Сенегалскиот претседател Маки Сал изјави дека Турција има просперитетно партнерство со африканските земји бидејќи нејзините врски на континентот се засноваат на меѓусебно почитување, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денес постои многу ефикасно партнерство меѓу Турција и Африка изградено врз еднакви основи и меѓусебна корист“, изјави Сал во разговор за АА за време на неговата посета на Истанбул по повод 3. Самит за турско-африканско партнерство.
„Она што е најважно, Турција придава големо значење на взаемното почитување во односите со Африка - тоа е нешто навистина важно за африканските земји.“
Сал истакна дека самитот бил успешен за сите земји-учеснички и дека сите африкански лидери биле многу задоволни од резултатите.
Тој нагласи дека Турција и Сенегал уживаат односи кои се прилично искрени и плодни, додавајќи дека има лично пријателство со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Според Сал, силните односи меѓу двете нации се причината поради која турските компании се вклучени во неколку големи проекти во Сенегал, вклучувајќи го и проектот за модерен град Диамнијадио, во близина на главниот град Дакар.
„Има многу можности и за сенегалските претприемачи и компании во Турција“, рече тој.
Додека се подготвува да го преземе претседателството со Африканската унија во 2022 година, Сал рече дека ќе ја искористи платформата за понатамошно зајакнување на нивните и онака добри односи со Турција и претседателот Ердоган на начин што ќе им служи на интересите и на Африка и на Турција.