Прегладнетите бебиња во Газа се соочуваат со смрт поради израелската блокада
- Бидејќи Израел ги држи затворени сите копнени гранични премини во Појасот Газа од 2 март, недостигот на бебешка храна претставува сериозна закана по здравјето на новороденчињата, а особено на предвреме родените бебиња

ГАЗА (АА) - Бидејќи Израел ги држи затворени сите копнени гранични премини во Појасот Газа од 2 март, недостигот на бебешка храна претставува сериозна закана по здравјето на новороденчињата, а особено на предвреме родените бебиња, известува Анадолу.
Болниците „Рантиси“ во северниот дел на Појасот Газа и „Насер“ во јужниот дел на 19 јуни предупредија дека „бебешката храна е потрошена и дека новороденчињата може да умрат во рок од 48 часа“.
На 20 јуни Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН, предупреди дека бројот на неисхранети деца во Газа се зголемува со алармантна брзина и истакна дека само во мај поради акутна неисхранетост биле хоспитализирани 5.100 деца на возраст од шест месеци до пет години.
И покрај сите предупредувања и повици за помош од Газа и од меѓународната заедница, вчера уште две бебиња го загубија животот во болницата „Насер“.
- Бројот на предвреме родени бебиња се зголемува поради блокадата
Насер Буљбуљ, раководител на Одделот за интензивна нега за новороденчиња (неонатологија) во Меѓународната болница „Ал-Хулу“ во Газа, изјави:
„Бројот на предвреме родени бебиња се зголемува бидејќи мајките не можат добро да се хранат поради војната. Ова го зголемува товарот на Одделот за неонатологија. Во Одделот за интензивна нега за неонатологија има 12 инкубатори, но бројот на предвреме родени бебиња варира меѓу 17 и 20.“
Посочувајќи дека се соочуваат со многу проблеми во Одделот за неонатологија, Буљбуљ рече дека во тоа спаѓаат и потрошената специјална бебешка храна за предвреме родените бебиња и недостигот на медицински материјали.
Зборувајќи дека го користат мајчиното млеко како алтернатива за специјалната бебешка храна, Буљбуљ истакна дека тоа решение нема ефект секогаш бидејќи и мајките се неисхранети. Д-р Буљбуљ рече дека како последна опција користат интравенозно хранење (лековите или храната се даваат директно преку вена), метод што го загрозува животот на бебињата.
- Родена е седуммесечна, тешка само половина килограм
Мајка од Газа ја родила ќерката Ветин Абу Бакр кога имала 7 месеци, со тежина од само 570 грама, зборуваше како неисхранетоста влијае врз мајките и нивните бебиња:
„Синот се роди со тежина од 3,5 килограми. Сега бебињата се раѓаат предвреме бидејќи немаме храна, а дома имаме напорна работа, како носење вода и перење алишта. Кога ми се роди ќерката, таа тежеше само 570 грама. Еден месец е во инкубатор. Сега има 1,5 килограми. Лекарите првично рекоа дека ќе умре. И тие се изненадени што преживеа.“
Зборувајќи за тагата што не може да ја држи ќерката во раце, мајката на Ветин рече:
„На почетокот се плашев да дојдам во болницата и да ја видам. Ќе го измолзев млекото и го праќав. Откако почна да закрепнува, доаѓам двапати на ден. Никогаш немав никакви проблеми со синот, но ќерка ми е еден месец во инкубатор и понатаму ќе биде таму.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.