свет

Уште едно тримесечно бебе почина од неисхранетост во Газа поради израелската блокада

- Израелската блокада доведе до сериозен недостиг на храна и лекови низ енклавата, а медицинските установи во северна и јужна Газа пријавија критичен недостиг на залихи

Elena Trenchevska Chekovikj  | 27.06.2025 - Обновена : 27.06.2025
Уште едно тримесечно бебе почина од неисхранетост во Газа поради израелската блокада

СКОПЈЕ (АА) - Тримесечното палестинско бебе, Џури ал-Масри, почина од неисхранетост во градот Деир ал-Балах во централна Газа, каде што Израел од 2 март го блокира влезот на хуманитарна помош, јавува Анадолу.

Израелската блокада доведе до сериозен недостиг на храна и лекови низ енклавата, а медицинските установи во северна и јужна Газа пријавија критичен недостиг на залихи.

На 19 јуни, болницата „Рантиси“ на северот и болницата „Насер“ на југот на Газа издадоа заедничко предупредување дека снемало млеко во прав за бебињата и предвидоа потенцијални смртни случаи кај бебињата во рок од 48 часа доколку не пристигне помош.

Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации, Стефан Дужарик, на 20 јуни изјави дека бројот на неисхранети деца во Газа достигнал алармантни нивоа.

Истакна дека само во мај, 5.100 деца на возраст меѓу шест месеци и пет години биле хоспитализирани поради акутна неисхранетост.

Израелската Армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш убиени се 6.008 Палестинци, а повредени се 20.591, со што се наруши договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.

Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за воените дејства во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.