Поранешен министер за одбрана: Израел вооружува „криминални банди“ во Газа
„Израел им префрли автоматски пушки и лесно оружје на криминалните банди во Газа“, изјави Либерман, лидерот на десничарската партија Јизраел беитеину, за јавниот радиодифузен сервис КАН.

ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (AA) - Израел вооружува „криминални банди“ во Појасот Газа, кој е разорен од војната, изјави денес поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман, јавува Анадолу.
„Израел им префрли автоматски пушки и лесно оружје на криминалните банди во Газа“, изјави Либерман, лидерот на десничарската партија Јизраел беитеину, за јавниот радиодифузен сервис КАН.
Тој рече дека оружјето било префрлено на бандите по наредба на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Според мое мислење, Кабинетот не го одобрил трансферот на оружје, но шефот на Службата за општа безбедност (Шин Бет) бил свесен“, додаде тој.
„Зборуваме за она што е еквивалентно на ДЕАШ во Газа. Никој не гарантира дека ова оружје нема да биде насочено кон Израел. Немаме средства за следење“, рече Либерман.
Според КАН, Канцеларијата на Нетанјаху не негираше дека ги вооружува групите во Газа.
„Израел работи на поразување на Хамас преку разни средства, врз основа на препораките на сите раководители на безбедносниот систем“, се вели во одговорот на Канцеларијата до КАН.
Шин Бет одби да ги коментира изјавите на Либерман.
Израелските медиуми претходно објавија за порастот на „вооружени криминални групи“ во Газа кои ги напаѓаат Палестинците под заштита на израелската Армија.
Израелската Армија, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува брутална офанзива против Газа од октомври 2023 година, при што се убиени повеќе од 54.600 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите воени злосторства против цивилите во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.