Ново прекинување на конститутивната седница на косовскиот Парламент, продолжение в сабота
- Овој пат, имаше помалку гласови за формирање на Комисијата за тајно гласање отколку во претходните обиди. „За“ гласаа 50 пратеници, еден беше против, додека немаше воздржани.

СКОПЈЕ (АА) - Конститутивната седница на Собранието на Косово и денес беше прекината, по уште еден неуспешен обид за избор на Комисијата за тајно гласање за избор на претседател на Собранието, известува Анадолу.
Претседавачот со седницата, Авни Дехари, го закажа продолжението на седницата за сабота, 7 јуни, во 11 часот.
Денешниот дел од конститутивната седница започна со околу 20 минути задоцнување.
Претседавачот Авни Дехари ги повика пратениците да седнат на своите места за да се утврди дали има кворум за одржување на седницата.
Откако беше утврдено дека има доволен број пратеници во салата, Дехари потсети дека на претходните седници немало кворум за да се изгласа комисија што би го водела тајното гласање бидејќи претставниците на Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Алијанса за иднината на Косово (АИК) - Социјалдемократска иницијатива (НИСМА) и Српската листа не предложиле членови за Комисијата и ги повика да го сторат тоа денес.
Откако ДПК, ДСК, АИК-НИСМА и Српска листа ниту денес не предложија свои членови на Комисијата за тајно гласање, Дехари повика на гласање за оваа комисија.
Овој пат, имаше и помалку гласови за избор на Комисијата отколку во претходните обиди. „За“ гласаа 50 пратеници, еден беше против, додека немаше воздржани.
По уште еден неуспешен обид, Дехари го закажа продолжението на конститутивната седница за сабота, 7 мај, во 11 часот.
Новиот обид за конституирање на Парламентот се случи само 24 часа по последното прекинување на седницата, наместо 48 часа, што беше практика досега, бидејќи утре е празникот Курбан бајрам.
Конститутивната седница на косовскиот Парламент започна на 15 април, но мандатите на пратениците им беа потврдени дури по четири дена.
По сите неуспешни обиди за јавен избор, Движењето „Самоопределување“ предложи тајно гласање, но ниту овој предлог не доби поддршка од мнозинството пратеници.
Втората по големина партија, Демократската партија на Косово (ПДК), претходно побара Движењето „Самоопределување“ да го смени својот кандидат за претседател на косовското Собрание за да го поддржат изборот за претседател на Парламентот, но вршителот на должноста премиер на Косово и лидер на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, во неговите досегашни изјави за медиумите, наведе дека не станува збор за промена на кандидатката Албулена Хаџиу, обвинувајќи ја опозицијата за блокирање на конституирањето на Собранието.
Од 19 април се водат обиди за избор на претседател на Парламентот, но кандидатката на Движењето „Самоопределување“, Албулена Хаџиу, засега не успева да освои 61 глас, колку што се минимум потребни за да биде избрана.
Пратениците мора да изберат претседател и пет потпретседатели за конечно да го конституираат новото Собрание на Косово. Само откако ќе се конституира Собранието, може да се формира нова влада.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.