Палестинска уметница ја преточува на платно болката на Палестинците од Газа
- „Гладот, стравот и смртта што ги видов силно се одразија во моите дела. Немав ништо освен мастило, но не престанав да цртам“
ГАЗА (АА) – Осумнаесетгодишната уметница Мерах Халид ез-Заанин, која поради израелските напади, од градот Бејт Ханун на северот на Појасот Газа заедно со своето семејство била принудена да мигрира кон населбата Римал, ги преточува на платно болката на палестинскиот народ и лузните што ги оставила војната, пишува Анадолу.
Ез-Заанин, која талентот за цртање го покажала уште на рана возраст, заедно со семејството живее во училиште на УНРВА, кое е претворено во засолниште. Во простор колку што дозволува еден шатор, покрај недостигот од материјали, среде метеж и бучава, се обидува да твори.
„И пред војната цртав, но за време на војната, бидејќи не посетував училиште, повеќе се посветив на цртањето. Гладот, стравот и смртта што ги видов тука силно се одразија во моите дела. Немав ништо освен мастило, но не престанав да цртам“, раскажа таа за тоа како искуството од Газа влијае врз нејзината уметност.
Ез-Заанин ги закачува своите цртежи по аглите во шаторот каде што живее и така создава мал изложбен простор.
Младата уметница говореше и за своите цели за иднината, истакнувајќи дека сака да студира уметност и дека планира еден ден да организира вистинска изложба. Таа нагласи дека нејзините цртежи се сведоштво за случувањата во Газа и изрази надеж дека нејзините дела ќе стигнат до пошироката публика.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
