ОН: Над 75.000 Палестинци раселени во југозападна Газа во изминатите неколку дена
„За разлика од другите војни, луѓето од Газа се заробени и немаат каде да одат“

АНКАРА (АА) - Повеќе од 75.000 Палестинци се раселени во југозападна Газа во изминатите неколку дена, изјави денес шефот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), Филипе Лазарини, јавува Анадолу.
„Во текот на децениите, палестинските цивили премногу пати се соочија со војни и конфликти“, напиша Лазарини на платформата Х.
„Само во изминатите неколку дена, над 75.000 луѓе се раселени во југозападна Газа“, додаде тој.
Лазарини истакна дека израелските власти издале дополнителни наредби во текот на ноќта принудувајќи уште повеќе луѓе да бегаат, „повторно и повторно“.
Некои од Палестинците со себе можат да ги носат само своите деца, „некои го носат целиот свој живот во една мала торба“, додаде тој.
„Тие одат на пренатрупани места каде засолништата се преполни со семејства. Тие изгубија сè и им треба сè“, порача Лазарини.
„За разлика од другите војни, луѓето од Газа се заробени и немаат каде да одат“, додаде тој.
Израелската војска доцна синоќа и рано утрово издаде наредби за евакуација на жителите во Појасот Газа, од кои последната беше издадена за „хуманитарната безбедна зона“ во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа.
Ова е трет пат за околу една недела израелската војска да ги прошири своите наредби за евакуација во Кан Јунис, каде во петокот најави почеток на офанзивна воена операција.