Муцунски домаќин на шефот на дипломатијата на Кралството Мароко, потпишан е меморандум за соработка
– Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес го пречека министерот за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници на Кралството Мароко, Насер Бурита

СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес му беше домаќин на министерот за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници на Кралството Мароко, Насер Бурита, кој престојува во официјална посета на земјата, јавува Анадолу.
Посетата е оценета како потврда за одличните билатерални односи, споделените вредности и заедничката визија за иднината.
Двајцата министри ја реафирмираа подготвеноста за продлабочување на политичкиот дијалог и билатералната соработка.
Муцунски изјави дека со мароканскиот колега разговарале за низа конкретни чекори за зајакнување на односите.
„Разговаравме за унапредување на политичките односи, но и за нови можности за економска и трговска соработка, зајакнување на инвестициите и организирање прв заеднички бизнис-форум. Стана збор и за можноста за воведување директна авионска линија помеѓу нашите две земји“, изјави министерот Муцунски по средбата.
Министрите потпишаа и Меморандум за соработка меѓу двете министерства за надворешни работи, во насока на натамошно динамизирање на односите.
Исто така, беше потпишан и Меморандум за унапредување на соработката во областа на туризмот од министрите за култура на двете земји.
Муцунски и Бурита потпишаа и Заедничка изјава во која Северна Македонија ги поздравува сериозните и кредибилни напори на Кралството Мароко за унапредување на процесот под покровителство на Обединетите нации, при што се смета дека Планот за автономија за Западна Сахара, кој Мароко му го презентираше на генералниот секретар на Обединетите нации во 2007 година, претставува уникатна основа за решение, што би било договорено во рамките на ООН.
На средбата беше разговарано и за соработката во рамките на мултилатералните организации.