Балкан

Неуспешен и 50. обид за конституирање на косовското Собрание

- Само неколку дена пред истекувањето на рокот утврден од Уставниот суд, косовските пратеници ни по 50. пат не успеаја да го конституираат Собранието на Косово

Agim Sulaj  | 21.07.2025 - Обновена : 21.07.2025
 Неуспешен и 50. обид за конституирање на косовското Собрание

ПРИШТИНА (АА) - Само неколку дена пред истекувањето на рокот утврден од Уставниот суд, косовските пратеници ни по 50. пат не успеаја да го конституираат Собранието на Косово, јавува Анадолу.

На денешната седница, на која беа присутни 104 пратеници, само 53 гласаа „за“ формирање ад хок комисија што би овозможила тајно гласање за избор на претседател на Собранието.

Намаше против и воздржани, но тоа не беше доволно за да се формира комисијата бидејќи сите парламентарни групи, освен Движењето Самоопределување, не го поддржаа нејзиното формирање.

Претседавачот со седницата Авни Дехари и овој пат – како и од 1 мај наваму – предложи формирање комисија за тајно гласање.

Без поддршка од другите партии, тој ја прекина седницата, најавувајќи дека таа ќе продолжи на 23 јули во 11:00 часот.


- Претседателката Османи најави обраќање до Уставниот суд

Косовската претседателка Вјоса Османи најави дека денес ќе се обрати до Уставниот суд доколку не се најде решение за блокадата во конституирањето на Собранието. Таа истакна дека рокот утврден со пресудата на Судот мора да се почитува и дека за негово прекршување мора да има правни последици.

Опозицијата континуирано бара Движењето Самоопределување да го смени својот кандидат за претседател на Собранието, но од неговите досегашни изјави за медиумите, вршителот на должноста премиер и лидер на движењето, Албин Курти, изјави дека нема збор за промена на кандидатката Албулена Хаџиу, обвинувајќи ја опозицијата за блокирање на конституирањето на Собранието.

Од потребните 61 глас, кандидатката на Самоопределување, Хаџиу, досега нема добиено повеќе од 57 гласа за претседателка на Собранието на Косово, од кои 48 се од Самоопределување и 9 од пратениците од заедниците. Првата конститутивна седница се одржа на 15 април.

На 26 јуни Уставниот суд донесе одлука со која се утврдува дека седницата мора да заврши најдоцна до 26 јули, но без да прецизира кои ќе бидат последиците доколку не се случи тоа.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.