Невремето во Газа однесе 4 животи, повеќемина се повредени при уривање на оштетени згради
Зградите се урнаа поради обилните дождови и силните ветрови предизвикани од временскиот систем со низок притисок што почна да го зафаќа регионот синоќа
ГАЗА / ИСТАНБУЛ (АА) - Четворица Палестинци загинаа синоќа, откако згради кои беа оштетени од израелските воздушни напади се урнаа во Газа, додека силно невреме ја погоди енклавата, соопшти денес палестинската цивилна одбрана, јавува Анадолу.
Зградите се урнаа поради обилните дождови и силните ветрови предизвикани од временскиот систем со низок притисок што почна да го зафаќа регионот синоќа.
Меѓу жртвите се еден постар маж, едно дете и две жени. Повеќемина се повредени во одделни несреќи поврзани со уривање на оштетени домови и нестабилни градби во Газа, бидејќи ветровите се засилија во текот на ноќта.
Бурата ги влоши условите за стотици илјади раселени Палестинци кои живеат во шатори низ Појасот Газа, каде што силните ветрови и обилните дождови од ноќните часови поплавија, разурнаа и уништија илјадници импровизирани засолништа, особено по должината на брегот, изјавија очевидци.
Во централна Газа, илјадници раселени лица во бегалскиот камп Нусејрат побарале засолниште во џамиите и делумно оштетените згради откако нивните шатори се урнале или биле сериозно оштетени од бурата, изјавија очевидци за Анадолу.
Израелската Армија уби повеќе од 71.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, а повреди над 171.000 во бруталната офанзива од октомври 2023 година, која го остави Појасот Газа во урнатини.
И покрај прекинот на огнот што започна на 10 октомври 2025 година, израелската Армија продолжи со нападите, при што се убиени 424 Палестинци, а ранети уште 1.189, објави Министерството за здравство на Газа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
