свет

Кремљ соопшти дека Русија ѝ е благодарна на Турција за напорите за решавање на војната во Украина

- „Турската страна продолжува да ги нуди своите услуги и ние сме им благодарни на нашите турски пријатели за тоа. Подготвени сме да ги обезбедиме сите услови за продолжување на преговорите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Kanyshai Butun, Burç Eruygur  | 25.11.2025 - Обновена : 25.11.2025
Кремљ соопшти дека Русија ѝ е благодарна на Турција за напорите за решавање на војната во Украина

ИСТАНБУЛ (АА) – Кремљ денес соопшти дека Русија ѝ е благодарна на Турција за нејзината улога и поддршка во тековните дипломатски напори за решавање на руско-украинската војна, јавува Анадолу.

„Турската страна продолжува да ги нуди своите услуги и ние сме им благодарни на нашите турски пријатели за тоа. Подготвени сме да ги обезбедиме сите услови за продолжување на преговорите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифингот со новинарите.

Неговите коментари следуваа по телефонскиот разговор меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин, кој се одржа вчера, при што двајцата лидери разговараа за војната што трае повеќе од три и пол години, како и за регионални и глобални теми.

За време на телефонскиот разговор Ердоган рече дека Анкара ќе продолжи со напорите да помогне во обезбедувањето завршување на војната меѓу Русија и Украина со праведен и траен мир.

Според турскиот Директорат за комуникации, Ердоган истакнал дека Анкара е подготвена да помогне во процесите што би го отвориле патот кон стабилен договор за мир.

Турција веќе беше домаќин на клучни дипломатски средби меѓу Москва и Киев од раните недели на војната, вклучително и три круга обновени мировни разговори оваа година во Истанбул, кои резултираа со голема размена на заробеници и на нацрт-документи со позиции за идниот мировен договор.


- Предложен план на САД

Песков, исто така, коментираше за дискусиите околу предложениот американски план насочен кон унапредување на мировните напори во Украина, велејќи дека Русија сè уште не добила ажурирана верзија на документот.

Тој повтори дека Москва верува дека планот може да претставува „многу добра основа за преговори“, додавајќи дека е подготвен делумно врз основа на договори постигнати на самитот меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп на Алјаска претходно оваа година.

Песков истакна дека Русија е заинтересирана своите цели во Украина да ги постигне преку дипломатски средства и дека останува отворена за преговори.

„Природно, невозможно е да се разговара за безбедносни гаранции во Европа без систем на европска безбедност како целина. Во еден момент учеството на европските држави ќе биде неопходно“, додаде тој.

Кремљ, рече Песков, внимателно ги следи медиумските извештаи за можни контакти меѓу руски и американски официјални претставници во Абу Даби, но моментно нема конкретен развој.

Претходно „Фајненшл тајмс“ објави дека секретарот на американската армија, Ден Дрискол пристигнал во Абу Даби вчера на разговори со шефот на украинската воена разузнавачка служба и руската делегација за можен мировен договор.

Цитирајќи американски официјален претставник и две лица запознаени со состанокот, во извештајот се наведува дека Дрискол и Русите ги започнале разговорите синоќа, а требало да продолжат денес.

Претставници од САД, Украина и европските сојузници се состанаа во неделата во Женева за да разговараат за предлогот за ставање крај на војната што трае повеќе од три и пол години.

Трамп изјави дека планот подготвен од САД нема да биде негова „последна понуда“ бидејќи предлогот предизвика загриженост во Киев и меѓу неговите сојузници.

Доцна синоќа украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека по разговорите, планот – кој првично содржел 28 точки – сега има „помалку точки“ и „многу правилни елементи“.

Тој ден помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, соопшти дека се очекува САД „наскоро“ да ѝ се обратат на Москва за да го разгледаат планот, но истакна дека засега нема конкретни договори за такви разговори.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.