Кина и САД разговараат за воспоставување билатерален работен механизам пред посетата на Трамп на Пекинг
Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг и американскиот министер за финансии Скот Бесент ја предводат шестата рунда економски и трговски консултации меѓу Кина и САД во француската престолнина Париз
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина и Соединетите Американски Држави (САД) разговараа за воспоставување билатерален работен механизам за „промовирање на соработката во трговијата и инвестициите“ пред посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Пекинг кон крајот на овој месец, јавува Анадолу.
Двете страни имаа „длабока, искрена и конструктивна размена на мислења“, изјави претставникот за меѓународна трговија на Кина, Ли Ченганг, на прес-конференција во Париз денес, пренесе државната новинска агенција „Синхуа“.
Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг и американскиот министер за финансии Скот Бесент ја предводат шестата рунда економски и трговски консултации меѓу Кина и САД во француската престолнина Париз, во време кога тензиите на Блискиот Исток го нарушија глобалното снабдување со енергија. Тридневните разговори започнаа во неделата.
Претходните рунди разговори се одржаа во Женева, Лондон, Стокхолм, Мадрид и Куала Лумпур, што помогна да се намалат царините кои претходно достигнаа трицифрени нивоа.
Двете страни се согласија дека „стабилните“ билатерални економски и трговски односи се „корисни“ за двете земји и за светот, рече Ли.
Тој додаде дека позицијата на Кина во однос на истрагите по „член 301“ е „конзистентна“ и го изрази противењето на Пекинг кон „ваквите еднострани истраги“.
Пред почетокот на разговорите, Вашингтон најави истрага по „член 301“ насочена кон наводните практики на принудна работа кај водечките трговски партнери, вклучувајќи ги Канада, Кина, Европската Унија и Мексико.
Трамп е предвидено да ја посети Кина во периодот меѓу 31 март и 2 април. Сепак, тој претходно за британскиот весник „Фајненшал тајмс“ изјави дека би можел да го одложи самитот со Си Ѓинпинг, повикувајќи ја Кина да помогне во повторното отворање на Ормускиот Теснец, стратегиски важен пловен пат.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
