свет

Киев: Изгаснат пожарот на бродот под турско знаме во украинското пристаниште Измаил

Официјалните претставници во моментов вршат инспекции за да ги проценат структурните оштетувања на бродот и неговата околина

Elena Teslova  | 18.11.2025 - Обновена : 18.11.2025
Киев: Изгаснат пожарот на бродот под турско знаме во украинското пристаниште Измаил

КИЕВ/ИСТАНБУЛ (АА) - Пожарот на бродот за транспорт на течен нафтен гас (LPG) под турско знаме, кој беше закотвен во пристаништето во Одеса, а кој избувна за време на нападот врз пристаништето Измаил од 16 до 17 ноември, е изгаснат, соопшти денес Министерството за заедници и развој на територии на Украина, јавува Анадолу.

Официјалните претставници во моментов вршат инспекции за да ги проценат структурните оштетувања на бродот и неговата околина, се вели во соопштението на Министерството.

„Истовремено на пристаништето се преземаат мерки за отстранување на последиците од гранатирањето и целосно продолжување на работата на инфраструктурата“, се вели во соопштението.

Генералниот конзул на Турција вчера во Одеса предупреди на ризикот од експлозија на бродот, истакнувајќи дека екипажот е евакуиран и во добра состојба.

Раскажувајќи за инцидентот во кој бродот за течен нафтен гас „Оринда“ под турско знаме беше удрен при истовар во пристаништето Измаил, Мухитин Челик за Анадолу изјави дека сите членови на екипажот се евакуирани и се во добра состојба.

Челик рече дека беспилотно летало го погодило бродот набрзо по полноќ.

„Екипажот на бродот се јави на дежурниот телефон на нашиот генерален конзулат и ја пријави ситуацијата. Нашиот конзуларен персонал се координираше со локалните власти и обезбеди потребна конзуларна заштита, преземајќи мерки за безбедноста на екипажот“, рече тој.

„Шеснаесетчлениот екипаж на бродот е во добра здравствена состојба. Две третини од течниот нафтен гас сè уште се на бродот. Пожарникарите од Измаил прскаат вода во бродот. Безбедносните мерки во пристаништето се зголемени поради ризикот од експлозија“, додаде тој.

Челик истакна дека се очекува технички тим од компанијата што е сопственик на бродот да пристигне на пристаништето.

„Врз основа на извештајот на тимот што доаѓа од Турција, ќе се утврди дали бродот може повторно да се извлече на површина“, додаде тој.

Генералниот директорат за поморски работи при турското Министерство за транспорт и инфраструктура претходно објави дека бродот, на кој се наоѓале 16 турски членови на екипажот, бил погоден за време на истоварот во украинското пристаниште Измаил и дека избувнал пожар.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.