ЕУ повика на итно запирање на судирите во Идлиб
Блокот ги повтори „своите повици до сите страни да воспостават одржлив прекин на огнот, да гарантираат заштита на цивилите и целосно да ги спроведат своите обврски согласно Меморандумот во Сочи од 17 септември 2018 година“

БРИСЕЛ (АА) -Европската Унија (ЕУ) соопшти дека обновената воена офанзива од страна на сирискиот режим и неговите поддржувачи во Идлиб е неприфатлива и ги повика сите страни итно да стават крај на непријателските активности, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Европскиот совет, кој ја дефинира целокупната политичка насока и приоритети на ЕУ, ги повика сите страни во конфликтот целосно да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право „да дозволат непречен и директен хуманитарен пристап до сите кои имаат потреба“.
Блокот ги повтори „своите повици до сите страни да воспостават одржлив прекин на огнот, да гарантираат заштита на цивилите и целосно да ги спроведат своите обврски согласно Меморандумот во Сочи од 17 септември 2018 година“.
„Европската Унија поддржува веродостојно политичко решение во согласност со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН и женевското коминике“, се вели во соопштението.
Европската Унија исто така го повтори апелот состојбата во Сирија да биде упатена до Меѓународниот кривичен суд.
Министерството за национална одбрана на Турција вчера соопшти дека во воздушен напад врз турските елементи во подрачјето на Идлиб загинаа двајца турски војници, а ранети се петмина.
Турските сили, по тој напад, неутрализираа над 50 припадници на режимските сили, а запленија 5 тенка, 2 оклопни возила за транспорт на воен персонал, 2 вооружени пикапи и една хаубица.
Северозападната сириска област Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна во земјата е упориште на опозицијата.
Во моментов, популацијата на Идлиб, со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое е најмногу напаѓано од страна на режимот.
Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, ги прогласија Идлиб и околината за зона без судири. Турција и Русија, како резултат на кршењето на Договорот за прекин на огнот од страна на режимските сили, постигнаа дополнителен договор за таа област.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент, од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.