ЕУ инвестира 330 милиони евра во фузиска енергија и нуклеарни истражувања
- Европската комисија соопшти дека финансирањето е дел од програмата за истражување и обука „Евроатом“ за периодот 2026-2027 година, усвоена со цел унапредување на нуклеарните иновации
ИСТАНБУЛ (AA) - Европската Унија (ЕУ) денес објави дека ќе инвестира 330 милиони евра за забрзување на развојот на фузиската енергија и поддршка на нуклеарните технологии и вештини, јавува Анадолу.
Европската комисија соопшти дека финансирањето е дел од програмата за истражување и обука „Евроатом“ за периодот 2026-2027 година, усвоена со цел унапредување на нуклеарните иновации.
Од вкупната сума, 222 милиони евра ќе бидат наменети за истражување на фузиската енергија, со цел оваа технологија да се пренесе од лабораториите кон електричната мрежа.
„Фузијата има потенцијал да го револуционизира енергетскиот пејзаж на Европа“, соопшти Комисијата.
„ЕУ има цел да ја поврзе првата комерцијална централа за фузија на мрежата, обезбедувајќи чиста, достапна и безбедна енергија за европските граѓани и бизниси.“
Дополнителни 108 милиони евра ќе бидат искористени за истражување на нуклеарната фисија, со фокус на безбедно управување со радиоактивниот отпад, заштита од зрачење и иновации во нуклеарните материјали.
Програмата, исто така, ќе поддржи истражувања за долгорочната безбедност на постојните нуклеарни централи, малите модуларни реактори (SMR), напредните технологии за реактори, како и нуклеарните горива.
Покрај енергетиката, дел од средствата ќе бидат насочени кон нуклеарната медицина. Ова вклучува напори за зајакнување на капацитетот на ЕУ за снабдување со изотопи за нови медицински терапии, соопшти Европската комисија.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
