Во напади на израелски беспилотни летала низ Газа убиени осуммина Палестинци
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од 7 октомври 2023 година, во која се убиени над 60.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца

АНКАРА (АА) - Најмалку осуммина Палестинци се убиени, а повеќемина се повредени рано утрово во израелските напади со беспилотни летала врз повеќе области низ Појасот Газа, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Четворица Палестинци се убиени, а има и повредени при бомбардирање на израелско беспилотно летало на шатори во кои се засолниле раселени цивили во областа Ал-Маваси на западниот дел на Кан Јунис, јужна Газа.
Во градот Деир ал-Балах во централна Газа убиени се четири лица, а повеќемина се повредени во израелски воздушен напад врз станбено подрачје.
Пријавени се и неколку жртви во градот Газа, каде што израелските сили бомбардираа зграда во населбата Ал-Римал и куќа во близина на гробиштата во Шеик Радван.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од 7 октомври 2023 година, во која се убиени над 60.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца. Немилосрдното бомбардирање ја уништи енклавата и доведе до недостиг на храна.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради воените дејства во енклавата.