Aysu Biçer
02 Август 2025•Ажурирај: 04 Август 2025
ЛОНДОН (АА) - Светскиот сервис на Би-си-си соопшти дека собрал докази за над 160 случаи во кои деца биле директно застрелани од израелските сили во Газа и открил дека во 95 случаи, детето било застрелано во главата или градите, пренесува Анадолу.
Според истрагата, повеќето од жртвите биле деца под 12 години.
Случаите, кои датираат од првите недели на конфликтот до јули оваа година, ја покажуваат мрачната слика на војната врз децата во Газа.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива врз Газа од 7 октомври 2023 година, во којашто се убиени над 60.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Немилосрдното бомбардирање, блокадата и слабата дистрибуција на хуманитарна помош ја уништија енклавата, го разорија здравствениот систем и доведоа до смрт од глад.
„Некои од случаите што ги разгледавме, како децата, се застрелани додека бегале од бојните зони, но многу други биле застрелани додека играле пред своите шатори во хуманитарните зони, а некои во области кои самите ИДФ (израелски одбранбени сили) ги означиле како коридори за евакуација“, се вели во истрагата.
Би-би-си, исто така, се повика на видео емитувано во април на израелска телевизија. На снимката се гледа како командант на израелската армија им се обраќа на своите војници велејќи им да „пукаат во секого што ќе го видат“.
Израелските групи за човекови права Б’Тселем и Лекари за човекови права-Израел рекоа дека однесувањето на Израел во Газа претставува геноцид, наведувајќи го систематското уништување на палестинското општество и намерното разорување на здравствениот систем на територијата.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејствија во енклавата.