Венецуела сигнализира подготвеност за разговори со САД за трговијата со дрога и инвестиции во нафтата
„Американската Влада знае, затоа што им кажавме на многу нивни претставници, дека ако сакаат сериозно да разговараат за договор за борба против трговијата со дрога, ние сме подготвени“
ИСТАНБУЛ (АА) – Венецуела е отворена за разговори со Соединетите Американски Држави (САД) за соработка во борбата против трговијата со дрога, изјави претседателот Николас Мадуро во однапред снимено интервју емитувано вчера на државната телевизија, јавува Анадолу.
Мадуро рече дека е подготвен за дијалог „кога и да сакаат, каде и да сакаат и како и да сакаат“.
Тој го обвини Вашингтон дека спроведува политика на промена на режимот во Венецуела, наведувајќи дека целта е преземање контрола врз огромните нафтени ресурси на земјата преку повеќемесечна кампања на притисоци.
„Што бараат тие? Јасно е дека се обидуваат да се наметнат преку закани, заплашување и сила“, изјави Мадуро, додавајќи дека е време двете земји „да започнат сериозни разговори, со факти во рака“.
„Американската Влада знае, затоа што им кажавме на многу нивни претставници, дека ако сакаат сериозно да разговараат за договор за борба против трговијата со дрога, ние сме подготвени“, рече тој.
Интервјуто е снимено во новогодишната ноќ, истиот ден кога американската војска објави дека извршила напади врз пет наводни чамци за шверц на дрога.
Со последните напади, вкупниот број на познати напади врз чамци достигна 35, а бројот на загинати најмалку 115 лица, според податоците објавени од администрацијата на Трамп. Меѓу жртвите има и државјани на Венецуела.
Мадуро одби да ги коментира извештаите за напад предводен од Централната разузнавачка агенција (ЦИА) минатата недела врз венецуелска пристанишна зона, за која администрацијата на Трамп соопшти дека била користена од наркокартели.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
