Премиерот на Албанија, Рама: Ќе произведуваме оклопни возила и борбени дронови
„Oваа година е историска за нашата армија бидејќи се поставени темелите на одбранбената индустрија ‘Made in Albania’“
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека земјата ќе започне со производство на оклопни возила и борбени дронови, нагласувајќи дека амбицијата на Албанија е албанската армија да го достигне просекот на армиите на НАТО во однос на финансиската поддршка, јавува Анадолу.
На прес-конференцијата одржана во седиштето на Владата на Албанија, Рама се осврна на развојот на различни сектори во текот на 2025 година и на целите за наредната година.
„Оваа година што доаѓа нè затекнува со ракетен систем ‘Џавелин’, кој веќе го имаме во Албанија благодарение на соработката со САД; со три патролни брода, добиени како подарок од нашата сестринска земја Италија; со радари за воздушно набљудување благодарение на соработката со Франција. Но главната амбиција останува Албанија да стане земја производител на воени капацитети, кои не само што ќе ги користи за сопствените потреби туку и ќе ги извезува. Затоа оваа година е историска за нашата армија бидејќи се поставени темелите на одбранбената индустрија ‘Made in Albania’“, изјави Рама.
Тој нагласи дека е формирана државна компанија што, според него, има потпишано шест партнерства со домашни и странски компании за производство на вооружување и муниција.
„Ќе произведуваме оклопни возила и возила за цивилни итни случаи. Во моментов во Албанија се произведуваат повеќе видови возила врз основа на договори со неколку други држави, меѓу кои амбулантни возила и полициски патролни возила. Ќе произведуваме борбени дронови, како и антидрон системи. Првите нарачки веќе се реализирани, а во првата половина на 2026 година ќе ги видите и првите производи“, рече Рама, додавајќи дека продолжува работата и на договори за поморската и воздухопловната индустрија.
Премиерот Рама истакна и дека Албанија денес е меѓу земјите со највисок капацитет за киберодбрана. Тој нагласи дека економските показатели се позитивни и дека се очекува годината да заврши со економски раст од 3,9 проценти, додавајќи дека приходите од туризмот во првите девет месеци изнесуваат околу 4,4 милијарди евра.
Рама се осврна и на дефектот на водоводниот систем во Валона, истакнувајќи дека проблемот е отстранет и благодарение на набавката на опрема од Турција. Во врска со прашањето за заменик-премиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, тој рече дека Владата зазела институционален став и случајот го пратила до Уставниот суд.
Потсетуваме дека Балуку е обвинета за кривично дело „повреда на еднаквоста на учесниците во јавни тендери или аукции“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
