Балкан

Српски НИС доби лиценца од американскиот ОФАК за продолжување на работата до 23 јануари

„На чело со Вучиќ, преку дипломатска борба, го постигнавме речиси невозможното. Ќе ја заштитиме нашата енергетска безбедност, како што правевме досега“

Senita Sehercehajic  | 01.01.2026 - Обновена : 01.01.2026
Српски НИС доби лиценца од американскиот ОФАК за продолжување на работата до 23 јануари

Белград

Нафтена индустрија на Србија (НИС) доби лиценца од Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC) за продолжување на работата до 23 јануари, потврди денес министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, јавува Анадолу.

„Драги граѓани, одлична вест за крајот на годината за нашата земја - со задоволство ве известувам дека НИС доби лиценца од американски ОФАК за продолжување на работата до 23 јануари“, објави министерката на својот Инстаграм профил.

Таа истакна дека ова значи дека рафинеријата за нафта во Панчево, единствената во Србија, ќе може да продолжи со работа по 36-дневна пауза.

„На чело со Вучиќ (Александар, претседател на Србија, заб. ав.), преку дипломатска борба, го постигнавме речиси невозможното. Ќе ја заштитиме нашата енергетска безбедност, како што правевме досега“, додаде таа.

Соединетите Американски Држави (САД) воведоа санкции врз НИС поради рускиот удел во сопственоста на 9 октомври 2025 година. Целта на санкциите, како што беше соопштено, е да се спречи Русија да ги користи приходите од енергетиката за војната во Украина.

Според достапните податоци, 56,15 проценти се во сопственост на Русија, 29,87 проценти во сопственост на српската држава и околу 14 проценти во сопственост на мали акционери.

Рафинеријата за нафта Панчево, која е во сопственост на НИС и единствена во Србија, беше затворена на 2 декември, како резултат на санкциите. Нејзиното снабдување беше прекинато бидејќи соседна Хрватска, во согласност со санкциите на САД, го затвори Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) преку кој се испорачуваше сурова нафта.

Српската влада уверува дека обезбедила доволно залихи на нафтени деривати до крајот на јануари. Тие наведуваат дека се во комуникација и со други добавувачи за да обезбедат доволно нафтени деривати за српскиот пазар.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın